Поедноставна и не може да биде! Во тенџере ставаш сечкани шампињони, компири и морков, додаваш вода, зачинуваш, вариш и блендираш. Тоа е тоа! Од кујната на Невена ни доаѓа супер предлог за посна крем чорба од шампињони.
На кратко веќе го прераскажавме рецептот, но подолу подетално прочитајте и пригответе ја чорбата како вистински професионалец.

Состојки:
- 300 гр свежи шампињони
- 500 гр компири
- 1 мал морков
- 2 чешниња лук
- ½ мала лажичка мајоран
- 2-3 лажици сечкан магдонос
- по вкус сол и мелен црн пипер
- 1 л вода
- 5 лажици масло.
Подготовка:
- Шампињоните исечете ги на тенки ливчиња.
- Компирите излупете ги и исечете ги на плочки, а морковот ситно исечкајте го.
- Во тенџере на оган ставете го сечканиот зеленчук, додајте ги зачините, маслото и водата. Тенџерето ставете го на оган да се вари околу 20 минути додека омекне зеленчукот. Тенџерето тргнете го од огнот и оставете го кратко да се излади. Чорбата испасирајте ја со рачен блендер.
- Чорбата вратете ја на огнот да повари уште 2-3 минути. Топлата посна крем чорба од шампињони послужете ја со потпечен леб и салата. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Лесна чорба од печурки со мајчина душица.