Зачинети печени стапчиња од палента

Дали сте пробале печени стапчиња од палента? Благодарение на Невена, сега ќе можете да ја припремите палента на уште еден начин.

Рецептот е вегетаријански, посен и не содржи глутен. А ако сте на диета или сакате да се храните здраво, овие печени стапчиња од палента нека бидат дел од вашето неделно мени. Изгледаат одлично, вреди да се пробаат, а потребни ви се само неколку состојки за да ги направите.

стапчиња од палента

Состојки:

  • 1 литар вода
  • 2 коцки за супа од зеленчук
  • 250 гр палента
  • рузмарин и масло по потреба.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган на средна температура, ставете ја водата и коцките за супа.
  2. Штом супата ќе зоврие во тенџерето постеоено додајте ја палентата и мешајте додека се згусти.
  3. Сварената палента ставете ја во намрсен плех (20 х 35) и израмнете ја. Оставете ја целосно да излади.
  4. Откако ќе излади, по должина на плехот исечете ја палентата на пола, а потоа исечете ленти со ширината по 1-1,5 см. Лентите од палента наредете ги малку одалечени во плех обложен со хартија за печење и попрскајте ги со масло.
  5. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени за време од 15 минути.
    Печените стапчиња од палента посипете ги со рузмарин. Послужете ги топли како прилог на месо или предјадење.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: