Еден од џемовите кој традиционално се припрема во нашите домови е џем од црни сливи. А ние овој пат решивме да пробаме да го направиме во поздрава варијанта и наместо шеќер, ставивме мед. Вкусот на овој џем од црни сливи и мед е многу подобар во споредба со џемот направен со шеќер, па ви предлагаме и вие да го пробате овој рецепт.
Џемот од сливи највкусен е на парче интегрален леб или може да го користите како фил за колачи. За негова подготовка најдобро е да се користат зрели црни сливи. Покрај џем, можете да направите компот од црни сливи, мармалад, сок и слично. На било кој начин да се подготват црните сливи, нивниот вкус секогаш е неверојатно неодолив и посебен.

Количината на состојките е по желба, во зависност колку црни сливи имате на располагање.
Состојки:
- црни сливи
- мед
Подготовка:
- Сливите добро измијте ги и ставете ги врз кујнска крпа да се исушат.
- Потоа прсечете ги на половина и отстранете им ги семките.
- Сливите ставете ги во големо тенџере на оган, на средно висока температура и повремено мешајте ги со дрвена лажица за да не загорат.
- Штом сливите ќе пуштат сок, продолжете со варењето и варете за време од 45 минути или повеќе (во зависност од количината на сливите) ги додека омекнат, џемот стане хомоген и смесата е густа.
- Кога џемот ќе се згусне, тенџерето тргнете го од оган и додајте го медот. Измешајте за да се соединат состојките.
- Готовиот џем од црни сливи и мед ставете го во топли стерилизирани тегли (чувани во топла рерна 15-тина минути на 50 степени) и оставете еден до два сантиметри од врвот на теглата. Теглите затворете ги со метални капачиња и свртете ги со капакот на долна страна. Оваа постапка е знајчана за да може да се вакумираат теглите. Теглите со џемот од црни сливи и мед, оставете ги да се изладат преку ноќ, а потоа наредете ги кон останатата зимница.
Поздраво и повкусно, нема!