Интегрална пита со фил од печурки

Имаме нов предлог за интегрална пита со фил од печурки. Може да ја послужите за појадок, ручек или вечера, а идеална е со чаша сок или пиво и филмски викенд маратон.

Рецептот за оваа интегрална пита со  со фил од печурки ни доаѓа од кујната на Лана. Од наведените состојки ќе добиете 6 мали пити кои се печат во калап за тарт корпици.

интегрална пита со печурки

Состојки:

  • 2 чаши интегрално брашно (околу 300 грама)
  • 1 мала рамна лажичка сол
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2 до 3 лажици масло
  • газирана минерална вода по потреба.

За фил:

  • 400 грама печурки по избор
  • 1 врзоп млад кромид или спанаќ
  • 100 грама кашкавал
  • домашен сос од домати
  • сол и црн пипер по вкус
  • зачини (магдонос, босилек, оригано).

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете ги брашното, солта, прашокот за печиво и маслото. Постепено додавајте газирана вода и замесете меко тесто.
  2. Тестото завиткајте го во фолија и оставете го да стои за време од 10 до 15 минути.
  3. Во меѓувреме пригответе го филот.
  4. Печурките исечете ги на четвртини. Младиот кромид или спанаќ исечкајте ги на парчиња. Кашкавалот исечете го на ленти.
  5. Тестото поделете го на 6 парчиња. Од секој дел исучете кора со големина на калапите. Калапите за тарт намрсете ги и ставете го тестото. Врз него нанесете по неколку лажици од доматниот сос, ставете од перучките, кромидот, кашкавалот и прелијте со малку масло.
  6. Калапите ставете ги да се печат во загреена рерна на 200 степени за време од 20 минути. Топлата интегрална пита со фил од печурки послужете ја за појадок.

Ви предлагаме да прочитате: Медитеранска интегрална фокача со рузмарин.

Сподели: