Ако правите колач со јаболка, овој пат не ги фрлајте остатоците. Искористете ги и направете домашна јаболкова киселина. Јаболковата киселина доколку е произведена по природен пат е навистина здрава и богата со витамини и минерали. Во процесот на ферментација, хранливите и лековитите својства на јаболкото се зачувуваат и надополнуваат со ново настанати природни соединенија како танини и биофлавоноиди.
Треба да знаете дека повеќето типови на јаболкова киселина кои можат да се најдат по маркетите се пастеризирани, дестилирани и филтрирани, а со тоа имаат изгубено голем дел од својата нутритивна вредност. За да бидете сигурни дека киселината е природна и здрава, најдобро е да ја направите сами. Ви претставуваме еден интересен начин за нејзина подготовка и тоа од остатоци од јаболка.

Потребни состојки:
- остатоци од јаболка (кора, внатрешност)
- 1/4 чаша шеќер
- 1 литар вода.
Подготовка на домашна јаболкова киселина:
- Остатоците од јаболката ставете ги во стаклена тегла. Во еден литар вода растворете околу ¼ чаша шеќер. Мешајте со лажица додека шеќерот се растопи. Овој раствор ставете го во теглата, така што водата ќе ги прекрие јаболката во целост.
- Потоа, врз теглата ставете чиста газа или памучна крпа која ќе ја прицврстите со ластик. Немојте да користите класично капаче, бидејќи за да може да се одвива ферментацијата на киселината потребно е воздух.
- Теглата оставете ја на темно место од 4-6 недели.
- Потоа киселината процедете ја и ставете ја во стаклено шише.
Совет плус: Доколку ви се чини дека киселината не е доволна јака додајте уште шеќер и оставете ја да ферментира уште малку време.
Ви препорачуваме да прочитате: Тајната на лековитоста на јаболковата киселина.