Маскарпоне е италијанско деликатесно сирење, кое е честа состојка во многу слатки и солени јадења. Кај нас може да се најде во поголемите маркети, но исто така може да се направи и дома, и тоа на начин кој е повеќе од едноставен. Повелете рецепт за домашно маскарпоне сирење!
За да направите домашно маскарпоне сирење не ви се потребни некои особени знаења или опрема. Потребни ви се полномасна неутрална павлака за готвење, винска киселина, термометар, 2 сада и густа газа.
Потребни состојки:
- 4 чаши течна полномасна неутрална павлака
- ¼ лажица винска киселина.
Начин на подготовка:
- Павлаката загрејте ја на пареа. Доколку оваа постапка не ви е позната, садот со павлаката ставете над друг сад со вода на оган. Павлаката загрејте ја додека достигне температура од 90 степени.
- Садовите тргнете ги од огнот. Павлаката продолжете да ја мешате половина минута со дрвена лажица.
- Потоа, тргнете го садот од пареата. Додајте ја винската киселина и продолжете со мешање уште неколку минути.
- Добиената смеса процедете ја низ многу густа газа и оставете ја да се цеди околу 12 часа на ладно место, најдобро во фрижидер за време на ноќта.
- Добиеното сирење поделете го на 4 еднакви делови кои ќе ги завиткате во газа и складирате во чист сад со капак.
- Вака подготвеното маскарпоне сирење чувајте го најмалку 12 часа пред консумирање. Сирењето може да се консумира во рок од 7 дена, доколку се чува соодветно во затворен сад и во фрижидер.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да направите домашно крем сирење.