Оваа вкусна компир пита мора да ја пробате уште денес! Ако сакате да го изненадите семејството со вкусен специјалитет кој брзо се припрема, имаме одличен предлог. Направете компир пита со фил од шунка и моцарела, по одличен рецепт од Катерина.
Ја запишавме на листата на омилените рецепти, а во првата прилика штом имаме малку слободно време ќе ја пробаме и ние.
Состојки:
- 500 грама компири
- 120 грама брашно
- 1 јајце
- 3 лажици пармезан
- 8 тенки парчиња шунка
- 125 грама рендана моцарела (во замена може да користите кашкавал)
- прстофат сол
- по потреба путер.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и измијте ги. Исечкајте ги на мали коцки и ставете ги во тенџере на оган со вода да се варат. Постапката за најбрзо варење на компири, прочитајте ја тука.
- Варените компири, исцедете ги, испасирајте ги и оставете ги малку да се изладат.
- Во садот со пасираните компири, додајте ги јајцето, пармезанот, брашното, посолете по вкус и убаво измешајте ги за да се добие хомогена смеса.
- Во тркалезна тава (бр.24) ставете хартија за печење и попрскајте ја со малку масло.
- Ставете ја половина од смесата со компири, а врз неа наредете 4 парчиња шунка исечена на кругови. Врз шунката, ставете ја ренданата моцарела и преостанатите 4 парчиња шунка.
- Потоа, додајте ја и другата половина од смесата со компири.
- Тавата покријте ја со капак и оставете ја да се пржи на најтивок оган.
- Откако ќе се испржи од едната страна, питата покријте ја со хартија за печење и со помош на капакот превртете ја и вратете ја во тавата да се испржи од другата страна.
- Испржената компир пита извадете ја од тавата, отстранете ја хартијата за печење и додека е топла премачкајте ја со малку путер. Приготвената компир пита послужете ја додека е топла. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска