„Кој може да одолее на крцкави, домашни и вкусни солени стапчиња со зачини? – Често ги правам, а верувајте сите ги обожваат. Одлични се за забави, родендени, како грицки со филм или спортски натпревар. Од наведените состојки ќе добиете поголема количина на зачинети солени стапчиња, кои може да ги замрзнете и да ги користите штом ви се грицка нешто вкусно“ – вели Марија од нашиот тим.
Пробајте ги и уживајте во прекрасниот вкус!

Состојки:
- 1 кг брашно
- 1 коцка свеж квасец
- 1 голема лажица шеќер
- 100 мл масло
- млака вода по потреба
- сол
- зачини (буковска пипер, црвена пипер, црн пипер, кари, сусам, куркума по желба)
- 1 јајце.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете го квасецот. Додајте ја лажицата шеќер, една лажица брашно и 100 мл млака вода. Измешајте ја смесата и оставете го квасецот да нарасне за време од 5 до 10 минути.
- Во садот со квасецот додајте ги брашното, маслото и млаката вода. Замесете меко тесто. Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел, врз набрашнета површина со сукало исучете кора со дебелина од 5 мм.
- Јајцето изматете го со виљушка. Со готварска четка, врз секоја кора нанесете од разматеното јајце, а потоа посолете и наросете од зачините по желба. Корите исечете ги на тенки ленти со ширина од 1 см и должина од 15 до 20 см. Секоја лента преклопете ја од страната со зачините, а потоа свиткајте ја како спирала.
- Вака формираните солени стапчиња ставете ги во плех, претходно обложен со хартија за печење.
- Печете ги во загреана рерна на температура од 250 степени за време од 15 минути, додека добијат убава румена боја. Печените солени стапчиња со зачини извадете ги од рерната, оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Препорака од авторот:
А ако имаш прашања за подготовката пиши ми на Facebook или Instagram. Посети ги моите профили и пронајди ја твојата инспирација за подготовка на вкусно јадење или десерт. Може да ме следиш на:
- Facebook: Marija Kocovska
- Instagram: @kocovska.marija
И најважно од сѐ – приготви ги со љубов и сподели ги со најблиските.“ – вели Марија.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви предлагаме да прочитате: Посни грицки со сончоглед и сусам.