Скоро и да не постои човек кој не обожава лазањи. Па, во оваа прилика ви предлагаме вегетаријански рецепт за лазања со спанаќ и изварка кој е навистина многу лесен за подготовка. На вас останува да издвоите малку време, да ја направите лазањата и да уживате со семејството во прекрасниот ручек.
Не се потребни многу состојки за подготовка што е уште еден огромен плус за да ја направите.

Состојки:
- едно пакување лазања
- 1 лажица маслиново масло
- 1 чешне лук
- 150 грама млад спанаќ
- 250 грама изварка
- 1 јајце
- ½ чаша пармезан
- 1 ¼ чаша доматен сос
- 1 чаша рендана моцарела (во замена може да користите кашкавал)
- морско оревче, сол и пипер по вкус.
Подготовка:
- Лукот ситно исечкајте го.
- Во тава на оган ставете го маслиновото масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го сечканиот лук. Кратко пропржете го.
- Потоа додајте го спанаќот, посолете и зачинете со мелен црн пипер.
- Штом спанаќот се запржи, тавата тргнете ја од огнот. Почекајте кратко да се излади за да можете да го исцедите спанаќот од вишокот течност.
- Во садот со спанаќот, додајте ги изварката, дел од пармезанот, јајцето и морското оревче. Измешајте ги со лажица за да добиете хомогена смеса.
- Тавата за печење намрсете ја. Во неа, ставете дел од доматниот сос и наредете го првиот слој на лазањи. Врз лазањите ставете од ренданата моцарела и на крај завршете со смесата од спанаќ и изварка.
- Наредете друг слој на лазањи. Премачкајте ги со доматен сос, ставете дел од моцарела сирењето и дел од филот со спанаќ. Постапката повторувајте ја додека ги потрошите сите намирници.
- Редењето треба да го завршите со ред на лазањи на кој ќе го наросите преостанатиот пармезан.
- Вака подготвените лазањи покријте ги со фолија и печете ги во претходно загреана рерна на 200оC за време од 25-30 минути. Пред крајот на печењето, тргнете ја фолијата за да може пармезанот да добие убава кафеава боја.
Ви препорачуваме да прочитате: Вегетаријанска лазања со обланди и бешамел сос.