Овој македонски специјалитет може да се сретне како лутеница, лутенка или лутица. Како и да се нарекува во вашиот крај, препознатлив е по пикантната арома на печените лути пиперки, дополнета со сос од домати и лук. Домашната лутеница со кинати пиперки е одлична за појадок со парче сирење. Може да ја испржите со јајца или да ја послужите како мезе со печен леб.
Па, еве како ние правиме лутеница со кинати пиперки секоја есен.

Состојки:
- 15 кг пиперки за ајвар
- неколку лути пиперки
- 10 кг домати
- масло по потреба
- сол по вкус
- 1 китка магдонос
- 1 главица лук (по вкус)
Подготовка:
- Пиперките се печат, лупат и им се отстранува семето. Се оставаат настрана да се цедат за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
- Доматите се мијат, се попаруваат кратко време и им се отстранува кората. Потоа се мелат со машина за месо.
- Цедените пиперки се сечкаат на долги парчиња.
- Лукот се чисти и се сечка.
- Во големо тенџере на оган се става масло да се загрее. Во загреаното масло се ставаат сечканите пиперки и лукот да се пржат.
- Во запржените пиперки се додаваат мелените домати и се остава лутеницата да се вари околу еден час. Повремено се меша.
- Кон крајот на варењето се посолува по вкус. Штом се добие посакуваната густина, лутеницата се трга од огнот и се додава сечкан магдонос.
- Топлата лутеница со кинати пиперки се става во топли стерилизирани тегли и добро се затвора со капак. Теглите се превртуваат со капаците од долната страна и се оставаат така да се изладат преку ноќ. Вакумираните тегли се редат кон другата зимница.
Ви предлагаме да прочитате: Маринара сос од домати во тегли.