Мармалад од праски

Еден од омилените мармалади на многумина е ароматичниот мармалад од праски. Одличен е за појадок на парче леб, а може да го користите како додаток на торти, колачи, палачинки или други десерти.

Во многу домови од праските често се приготвува компот, густи сок или мармалад. Во летната сезона кога цената на праските е многу ниска, ви предлагаме да направите вкусен мармалад од праски, кој се припрема едноставно, а не содржи конзерванси. По желба количината на состојките може да ја зголемите, во зависност од тоа со колкава количина на праски располагате. Доколку не обожавате многу благи мармалади или праските со кои ќе го правите мармаладот се зрели и благи, ви препорачуваме да ја намалите количината на шеќер.

мармалад од праски

Состојки:

  • 1 кг праски
  • 500 грама шеќер

Подготовка:

  1. Праските добро измијте ги, а потоа излупете ги.
  2. Излупените праски ставете ги во блендер и кратко миксирајте ги. Доколку немате блендер може да ги пасирате или да ги исечете на помали парчиња.
  3. Така припремените праски ставете ги во тенџере и посипете ги со шеќерот. Поклопете го тенџерето и оставете ги праските за време од 2 до 3 часа.
  4. Потоа, тенџерето ставете го на силен оган и варете го мармаладот околу 30 минути.
  5. Топлиот мармалад од праски ставете го во загреени тегли. Теглите затворете ги, свртете ги со капаците надолу и оставете ги така додека целосно се изладат.

Сподели: