Идеален додаток во тестенини, за подготовка на болоњезе сос, лазања, мексикански сос или енчилада! Марија од нашиот тим приготви супер вкусен медитерански доматен сос кој може да го користите преку целата година.
Сезоната на зимници само што започна, па е вистинско време за подготовка на нешто вкусно, домашно и без конзерванси. Доматниот сос наликува на купечките пасирани домати, па дефинитивно вреди да се направи и дегустира!

Состојки:
- 5 кг домати
- 1 лажичка оригано од Витаминка
- ½ до 1 лажичка мелен црн бибер
- 2-3 лажици морска сол – по вкус
- 1 лажица шеќер
- 5-10 листови босилек.

Подготовка:
- Доматите измијте ги и од долната страна засечете ги во форма на Х буквата. Ставете ги во врела вода за време од 2-3 минути. Доматите извадете ги и ставете ги во ладна вода. Потоа излупете ги.
- Излупените домати исечете ги на осмини и измелете ги со машина која има опција за отстранување на семките и преостанатите лушпи. Потребно е да добиете течна смеса без семки – пасирани домати.
- Течноста ставете ја во тенџере да се вари за време од 45 мин до 1 час, односно додека 1/3 испари и се згусти. Варењето е во зависност од големината на тенџерето, а процесот може да трае подолго или пократко. По 30-тина минути од варењето додајте сол.
- Кон крајот зачинете со оригано и мелен црн бибер. Продолжете со варењето уште 5 минути и додајте ги сечканите листови свеж босилек.
- Доматниот сос ставете го во чисти тегли. Затворете ги со капак и превртете ги, така што капакот ќе биде од долната страна. Вака приготвените тегли ставете ги врз чаршав и преклопете ги. Оставете ги да се изладат за време од 5-6 часа, а најдобро е преку ноќ. Наредниот ден проверете дали теглите се добро вакуумирани и наредете ги кон останатата зимница. Уживајте во светот на вкусовите!

Препорака од авторот:
„Време е за највкусните домашни зимници! Желба за приготвување на нешто ново е моја мотивација за креирање на нови рецепти. Прво започнавме со доматите и оваа година направивме медитерански доматен сос (пасирани домати) како и пелати – домати во тегла. Два нови рецепти кои ни се допаднаа на целото семејство. Користев домашни домати и босилек, а останатите зачини ги набавив од Витаминка. Доматниот сос може да го користите преку целата година, а супер се вклопува за лазања, енчилада и болоњезе сос. Ви препорачувам да го направите, а ако имате прашања за подготовката, следете ме и пишете ми на Instagram или Facebook, каде што може да разгледате повеќе рецепти. За крај, бидете поздравени и гответе со љубов!“ – вели Марија Кочовска.
Ви препорачуваме да прочитате: Корнишони со копар и црн пипер.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.