Интересен и несекојдневен рецепт за меки „пијани“ палачинки. Нашата пријателка Диана, од блогот Trydiani го припреми овој рецепт, кој сигурно ќе ви се допадне и вас. Пијаните палачинки одлично се комбинираат со солен или сладок фил. Доколку сте љубител на благи палачинки, како фил ставете нутела и овошје. А ако повеќе ви се допаѓаат солени палачинки, истите послужете ги со крем сирење и зачини.

Состојки:
- 500 мл кефир или кисело млеко
- 1 јајце
- 1 мала лажичка сода бикарбона
- 1 до 2 лажици шеќер
- 3 лажици вотка (ликер, коњак, текила)
- 100 мл врела вода
- 1 ½ шолја брашно
Подготовка:
- Во сад за матење ставете го јајцето и шеќерот. Изматете ги со миксер. Во садот додадете го алкохолот и измешајте. Потоа додадете го кефирот или киселото млеко.
- Брашното просејте го и постепено додавајте го во садот со јајцата. Добро измешајте за да се добие хомогена смеса.
- Во садот со јајцата наросете ја содата и оставете да стои околу 10 минути.
- Потоа во садот додадете ја врелата вода и измешајте.
- На оган, на средна температура ставете нелеплива тава да се загрее. Загреената тава премачкајте ја со малку масло и додадете од смесата за палачинки. Дебелината на палачинките направете ја по ваша желба. Доколку сакате да направите тенки палачинки ставете помалку од смесата. Палачинките испечете ги од двете страни.