Мексикански банички со фил од мелено месо 1

Мексикански банички со фил од мелено месо

Кога сакаме топло вкусно печиво, па и вака со вкусно изненадување внатре, овие мексикански банички со фил од мелено месо и тоа како би ни овозможиле дегустативна сатисфакција!

Интересно изгледаат, а и не се тешки за правење. Многу е добро што може да ги понесете со себе и да ги уживате на разни места, подалеку од домот и трпезата. Еве го рецептот!

Мексикански банички со фил од мелено месо 2

Состојки:

За тесто:

  • 400 гр брашно
  • 1 јајце
  • 200 мл млако млеко
  • 1 сув квасец (7-10гр)
  • 1 рамна лажичка шеќер
  • 1 лажичка сол
  • 70 гр путер или маргарин

За фил:

  • 1 главица кромид
  • 350 гр мелено месо
  • 250 мл доматно пире
  • 50 гр пченка
  • 1 лажичка црвен мелен пипер, оригано, вегета, црн пипер
  • 4-5 лажици масло.

Подготовка:

  1. Во садот за мешање соединете половина од брашното, шеќерот, солта и квасецот.
  2. Потоа додадете ги млакото млеко и растопениот или омекнат путер.
  3. Почнете да месите со постепено додавање на останатото брашно, додека тестото не почне да се одвојува од прстите, а потоа оставете го да нарасне до двојна големина.
  4. Кромидот ситно исечкајте го и пропржете го кратко во масло, а потоа додадете го и меленото месо (може да ги пржите и заедно).
  5. Кога добро ќе се пропржи месото, додадете го доматното пире и зачините.
  6. Кога ќе испари вишокот течност додадете ја и пченката. По желба може и да ја изоставите.
  7. Нараснатото тесто расучете го така да биде со дебелина од околу половина сантиметар, а потоа со поголема чаша вадете кругови (убаво излегуваат кога дијаметарот е околу 8см).
  8. На секој од круговите ставете по една лажичка фил во средината.
  9. Краевите превиткајте ги, убаво залепете ги, а потоа наредете ги во претходно намрсен плех или обложен со пекарска хартија и тоа со составуваниот дел од долната страна.
  10. Одозгора премачкајте ги со јајце и посипете ги со сусам.
  11. Печете во загреана рерна на 200 степени додека поруменат.

На здравје!

Рецептот го испратил:  Клара Бос.

Ви препорачуваме да прочитате: Мексиканско тако со домашни тортиљи.

Сподели: