Ова е лесен и брз рецепт за мини погачици со кашкавал и сланина. Идеален е за сите кои не сакаат да виткаат кифлички, тегнат мазници и слично. Изгледаат толку вкусно, што веднаш ќе посакате да ги пробате.
Може да ги послужите штом ќе ви се најават гости, за родендени, куќни слави и други свечености. Рецептов ни го испрати Катерина за кој таа вели: „Со чаша јогурт или кисело млеко ќе имате вкусен појадок“.

Состојки:
- 400 гр брашно
- 25 гр свеж квасец
- 100 мл масло
- 100 мл млеко
- 100 мл вода
- 1 жолчка
- 1 мала лажичка шеќер
- 120 гр чадена сланина
- 120 гр кашкавал.
За премачкување:
- 1 белка
За посипување:
- по потреба пармезан, ленено семе.
Подготовка:
- Стоплете ги млекото и водата.
- Во садот со млекото и водата додајте ги шеќерот и квасецот. Измешајте за да се растопи квасецот и оставете го за време од 5 минути за да нарасне.
- Во меѓувреме, сланината ситно исчекајте ја. На оган ставете нелеплива тава да се загрее. Во тавата додајте ја сланината и пропржете ја кратко време. Пржената сланина извадете ја врз кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло.
- Кашкавалот ситно изрендајте го.
- Во подлабок сад ставете го брашното, па додајте го квасецот, маслото, жолчката и прстофат сол.
- Почнете со месење.
- Откако тестото добро ќе го измесите додајте го ренданиот кашкавал и ситните парчиња сланина.
- Месете уште малку додека се соединат убаво сланината и кашкавалот.
- Покријте го тестото со крпа и оставете да нарасне.
- Нараснатото тесто развлечете го во кора со дебелина од 1 см и со чаша или калап вадете кругови.
- Наредете ги во плех обложен со хартија за печење, премачкајте ги со белка и посипете со пармезан и ленено семе.
- Оставете ги да нараснат уште малку (15-тина минути) додека се загрее рерната на 180 степени.
- Печете додека заруменат. Печените мини погачици со кашкавал и сланина извадете ги од рерната, оставете ги кратко време да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за едноставна и лесна погача.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.