Пролет е, па е време за нови пролетни рецепти. Еве нешто ново, брзо и многу вкусно! Во кујната на нашата пријателка Диана, од блогот Trydiani се направени овие мали, убави палачинки со урда и грашок, кои се вистинско пролетно уживање за целото семејство.
Од наведените состојки во рецептот ќе добиете околу 13 палачинки, а доколку ви се најавиле гости, може да ја зголемете количината на состојките.

Состојки:
- 1 чаша грашок, свеж или замрзнат
- 1 мала лажичка сол
- 3 големи јајца
- 1 чаша изварка (урда)
- ¼ чаша брашно
- 2 лажици масло и дополнително за пржење
- 1-2 страка млад кромид и дополнително за сервирање
- ¼ чаша растопен путер.
Подготовка:
- Грашокот се става во тенџере со посолена вода на оган, средно висока температура и се вари додека омекне. Штом грашокот ќе омекне, тенџерето се трга од огнот, па се цеди.
- Со миксер или блендер се матат јајцата, урдата, брашното, солта и 2 лажици масло, додека се добие хомогена смеса.
- Во смесата се додава ситно сечканиот млад кромид и цедениот грашок.
- На оган на средна температура се става намрсена нелеплива тава да се загрее. Со лажица се зема од смесата и во загреаната тава се формираат палачинки. Се пржат додека се појават меурчиња на површината за време од околу 3 минути. Потоа, се превртуваат на другата страна и се пржат уште 2 минути.
- Пржените палачинки со урда се сервираат додека се топли со растопен путер и гарнирани со млад кромид. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Печени палачинки со фил од спанаќ и урда.