Палачинки со фил од јаболка

Мириса на есен, на убави есенски ароми, јаболко, цимет и кафеав шеќер! Секое годишно време си има своја магија, свои сезонски овошки и уште поубави рецепти. А симбол на есента се нашите убави јаболка, вкусни и сочни. Да ги искористиме и направиме палачинки со фил од јаболка, цимет, кафеав шеќер и портокал!

Веќе ве привлече рецептов? Нас исто така. И благодариме на Невена за убавата идеја, а рецептот со големо задоволство го споделуваме со сите.

палачинки со фил од јаболка

Состојки:

  • 500 мл млеко
  • 3 јајца
  • 350 гр брашно
  • 2 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 50 гр стопен и оладен путер
  • изрендана кора од портокал.

Фил:

  • 1 кг јаболка
  • 120 гр кафеав шеќер
  • 100 гр суво грозје
  • 2 лажици пињоли (може и без нив)
  • 60 гр путер
  • исцеден сок од пола портокал
  • ½ лажиче цимет.

Прелив – декорација:

  • 1 полна лажица чоколаден крем
  • 3 лажици млеко.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ја смесата за палачинки
  2. Во сад ставете сите состојки и со миксер изматете ги додека се добие хомогена смеса. Садот покријте го со најлонска фолија и оставете го во фрижидер.
  3. Додека смесата за палачинките стои во фрижидер подгответе го филот од јаболка. Сувото грозје ставете го во вода малку да омекне. Јаболката излупете ги и исечете ги на четвртинки. Секоја четвртинка исечете ја на листови дебели по 4-5 мм. Јаболката ставете ги во ладна вода во која сте додале исцеден сок од лимон за да не потемнат.
  4. Во тава на оган, на умерена температура ставете ги путерот и шеќерот. Мешајте додека се стопат. Во тавата додајте ги јаболката и измешајте. Потоа додајте ги сувото грозје, пињолите, сокот од портокал, циметот и едно мало филџанче вода. Оставете ги да се динстаат додека течноста испари и јаболката омекнат. Повремено нежно мешајте ги за да останат цели, да не се направат како каша.
  5. Кога е готов филот, тенџерето тргнете ја на страна.
  6. На загреаната рингла, ставете тава за палачинки да се загрее. Во тавата со помош на поголема лажица ставете од смесата и испечете ги палачинките. Од оваа смеса јас направив 10 палачинки.
  7. Земете една палачинка и на едната половина ставете по 1-2 лажица од филот и поклопете ја. Ставите уште 1 лажица пак на половина и поклопете ја како триаголник. Или едноставно, на секоја палачинка на крајот нанесете од филот и завиткајте ја во ролна. И така додека ги потрошите.
  8. На тивок оган ставете го чоколадниот крем и млекото. Растопете ги и попрскајте ги палачинките. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни палачинки со рум и цимет.

Сподели: