Пекмезот од кајсии воопшто не е тешко да се направи, а тајната е во изборот на убави и меки овошки, на кои треба да им се извадат семките, а потоа да се варат заедно со шеќерот. На крајот ќе добиете највкусен домашен пекмез од кајсии кој е совршен за филување на омилените палачинки и кроасани, а исто така е идеален за појадок со парче топол двопек премачкан со малку путер и шолја кафе.
Предлогот за пекмез од кајсии го најдовме на блогот Kuhinjica Mignone и се надеваме дека ќе ви се најде овој период. Најважно е тоа што не се користат конзерванси за негова припрема, а може да се чува во тегли или да се замрзнува.
Состојки:
- 2 кг кајсии (без семки)
- 600 грама шеќер.
Подготовка:
- Изберете убави и здрави кајсии, добро измијте ги и извадете им ги семките. Доколку кајсиите имаат темни точки на површината, отстранете ги со нож, а не е потребно целосно да ги лупите.
- Од исчистените кајсии измерете 2 кг и ставете ги во големо тенџере, додајте го шеќерот и варете ги за време од 2 часа додека добите густ пекмез.
- На почеток, пекмезот варете го на висока температура, потоа намалете ја и продолжете со варењето на средна температура за време од 1 час. За ова време пекмезот ќе биде течен и ќе се гледаат парчињата овошје, па доволно е само повремено да го промешате.
- Штом пекмезот ќе почни да се згуснува и јако да врие, намалете ја температурата и продолжете со варење додека ја добиете посакуваната густина, за време од 1 час.
- Варениот пекмез од кајсии тргнете го од огнот и додека е врел ставете го во чисти и топли стаклени тегли. Теглите ставете ги во рерната да се изладат и на површината да се формира тенка кора. Наредниот ден, теглите може да ги затворите со капак или целофан кој кратко време бил потопен во ракија.
- Пекмезот може да се чува во замрзнувач и тоа е добро за сите кои немаат доволно простор за чување на зимницата. Штом пекмезот се свари, се остава во тенџерето да се излади, а потоа се става во пластични садови и чаши како амбалажа. Садовите се затвораат со капак или со целофан и ластиче, па се ставаат во замрзнувач. Пред да се користи, замрзнатиот пекмез се вади и се остава 30 минути да се одмрзни.
Ви предлагаме да прочитате: Кајсии – здраво и вкусно кралско овошје.