Печени компири во фолија на жар

Дали сте пробале печени компири на жар? Ако вашиот одговор е да, сигурно ќе се согласите со нас дека повкусни печени компири нема, нели? Ги обожаваме и можеме да кажеме дека овој рецепт е еден од нашите омилени зимски рецепти. Штом времето залади, а шпоретот на дрва се запали, на ред се печените компири во фолија.

Постапката за подготовка е интересна, а рецептот на Катерина беше наша мотивација да го споделиме со вас. И штом се запалат коледарските и василичарските огнови, земете неколку компири, свиткајте ги во фолија и дружбата може да започне.

А еве што вели Катерина за овој рецепт: „Вака спреманиот компир секогаш ме потсеќа на детството. Го спремаше татко ми кога одевме на излет, а сега после подолго време решив и јас да го спремам.“

печени компири во фолија на жар

Потребно е:

  • 10 компири
  • алуминиумска фолија по потреба.

Подготовка:

  1. Компирите убаво измијте ги и исчеткајте ги за да се исчисти нечистотијата на кората. Потоа, без да ги лупите, завиткајте ги во алуминиумска фолија.
  2. Вака приготвените компири ставете ги во жар, а потоа покријте ги со пепел. Оставете ги да се печат додека омекнат, за време од околу 1 час. Печените компири на жар извадете ги внимателно и оставете ги околу 10 минути да се изладат. Потоа, отворете ја фолијата и послужете ги компирите додека се топли.
  3. Во комбинација со кцана сол и сирење ќе имате вкусен прилог за ручек. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Печени компири на сосема нов начин.

Сподели: