Пикантни и крцкави! Направете ги највкусните печени пилешки копанчиња од крилца на мексикански начин и за миг отпатувајте во Мексико. Брзи за подготовка и со богат вкус во кој ќе ужива целото семејство.
Чили, лук во прав, малку мед за карамелизација и ароматична кора од лимета (зелен лимон) се главните состојки кои ја прават совршената комбинација за подготовка на овие пилешки крилца! Ветуваме одличен вкус и ве предизвикуваме да го испробате и овој рецепт.

Состојки:
- 1,3 кг пилешки копанчиња од крилца
- 1/4 чаша мед
- 2 лажици маслиново масло
- 1 лажица чили зачин
- 2 мали лажички сол
- 1 мала лажичка лук во прав
- рендана кора од 3 лимети (за замена може да се користи кора од лимон).
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги пилешките копанчиња од крилца, претходно одмрзнати и исчистени.
- Во садот додајте ги останатите состојки и убаво измешајте.
- Тавата обложете ја со хартија за печење и наредете ги припремените пилешки крилца. Внимавајте да има место помеѓу нив и да не се допираат.
- Печете во претходно загреана рерна на 230 степени 40 минути. 15 минути откако сте започнале со печењето, крилцата свртете ги од другата страна, па печете уште 15 минути. 5-10 минути пред да бидат готови, свртете ги уште еднаш. Целта на вртењето е да не изгорат и да не се залепат поради медот.
- Послужете ги додека се топли. Печените пилешки крилца на мексикански начин може да ги сервирате со магдонос и црвени чили пиперки сечкани на кругови, како и со омилената свежа или кремаста салата.
Наша препорака:
Ви препорачуваме да прочитате: Гурмански специјалитет – пилешко Киев.