Превкусни и едноставни за подготовка! Летни, сочни и свежи. Приготвив печени посни ролнички со фил од тиквички и моркови. Инспирација за овој рецепт ми беа Vegan Natura и готовите кори за цирага бурек, но, несакав да ги припремам со пржење. Одлучив да направам поздрава варијанта со печење и зеленчуци. Ви препорачувам да ги направите во прва прилика!
Одлични се за време на пости, а имаат декоративен изглед и може да се вклопат на сечија трпеза за именден, слава или друга свеченост. Од наведените состојки ќе добиете поголема количина на ролнички (над 30), а ако ви останат, убави се и наредниот ден. Се изедоа за брзо, па не останаа за да тестирам дали може да се замрзнат.

Состојки:
- 500 г триаголни кори
- 2 средни тиквички
- 2 чаши рендани моркови (2 поголеми моркови)
- 200 г Vegan Natura од Млекара Тетово (производ за замена на кашкавал)
- 100 мл газирана вода
- 50 мл масло + масло за пропржување на зеленчуците
- Лук во прав
- Сол и мелен црн пипер
- Свеж магдонос.
За премаз:
- 1 лажица брашно
- ¼ чаша вода
- 1 лажица сенф (кари или куркума по желба)
- Сусам за наросување.

Подготовка:
- Тиквичките излупете ги и изрендајте ги на крупната страна на рендето. Посолете ги и оставете ги 10-20 минути за да пуштат течност. Потоа исцедете ги.
- Во поголема тава на оган ставете малку масло да се загрее. Додајте ги морковите и пропржете ги 2-3 минути. Потоа додајте ги тиквичките и заедно пропржете ги уште 3-4 минути. Зачинете со лук во прав, сол и мелен црн пипер. Филот оставете го кратко да се излади и додајте ситно сечкан свеж магдонос.
- Во меѓувреме изрендајте го посниот кашкавал. Додајте го во тавата со зеленчуците и измешајте.
- Во длабока чинија ставете ги маслото и газираната вода.
- Со помош на силиконска четка секоја кора премачкајте ја со мешавината од масло и вода. На пошироката страна од триаголникот нанесете по 1 полна лажица од филот, свиткајте ги краевите и завиткајте ја кората во ролна. Истата постапка повторете ја со сите кори.
- Вака подготвените ролнички наредете ги во голем плех оболожен со хартија за печење.
- Во мал сад ставете ги брашното, водата и сенфот. Измешајте ги, а потоа премачкајте ги ролничките. Поросете со сусам. Попрскајте ги со масло.
- Печете ги во загреана рерна на 180-200 степени за време од 15 до 20 минути. Топлите посни ролнички послужете ги со доматен сос со оригано или сос од посен мајонез и кисели краставички. На здравје!

Ти се допадна овој рецепт? Разгледај повеќе идеи и погледни ги ролничките на видео на моите профили на:
- Instagram – @kocovska.marija
- Facebook – Marija Kocovska
- Youtube – Marija Kocovska
- Tik Tok – @marija.kochovska.
И за крај ти препорачувам да погледнеш Од кујната на Марија – Брзи тортиља канапеи со павлака, салама и краставица.
*Рецептот е поддржан од Млекара Тетово.