Немате идеја што вкусно да им подготвите за ручек на вашите најблиски? Ние имаме супер предлог за вас. Направете вкусно пилешко во сос од крем сирење, а како прилог послужете салата од сушени домати или запржена тиквичка.
Пилешкото месо е идеално за потоплите денови, бидејќи лесно се подготвува и е помалку мрсно од останатите видови на месо. А, што е најважно, ова месо го обожаваат и децата. Па, направете нешто вкусно и домашно за целото семејство кое со сигурност на сите ќе им се допадне.

Состојки:
- 450 г пилешко бело месо
- маслиново масло по потреба
- сол и црн пипер по вкус
- 1 ситно сечкан млад кромид
- 150 г крем сирење
- ½ чаша пилешки бујон
- 2 лажици сечкан магдонос, босилок и власец по избор
- 1 лажица лимонов сок
- 7-8 сушени домати по желба
- 1 тиквичка за прилог по желба.
Подготовка:
- Пилешките шницли од двете страни премачкајте ги со маслиново масло и зачинете ги со сол и црн пипер.
- Вака подготвеното бело пилешко месо пржете го во тава на добро загреано маслиново масло. Откако месото ќе добие златна боја извадете го од тавата, намалете ја температурата на шпоретот и додајте уште малку маслиново масло.
- Во тавата додајте го кромидот и динстувајте го околу 1 минута, потоа додајте ги и крем сирењето, солта, црниот пипер, пилешкиот бујон и мешајте додека добиете кремаста и хомогена смеса. По желба во тавата додајте и сушени домати.
- На крај, додајте ги и магдоносот и босилекот. Измешајте и во тавата додајте го пилешкото месо.
- Потоа подгответе ја и тиквичката која се служи како прилог со пилешкото месо. Тиквичката добро измијте ја и исечете ја на кругови. Зачинете ја со сол и црн пипер по вкус и кратко запржете ја во тава на загреано маслиново масло.
- Во чинијата за сервирање ставете го пилешкото во сос од крем сирење и послужете го со запржената тиквичка. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Пилешко со моркови во бел сос.