Време е за нешто ново и многу вкусно, а брзо и лесно за подготовка. Ако и вие не сакате да поминувате многу време во кујната, а сте љубител на специјалитети, ова е вистинскиот рецепт за вас: пилешко со моркови во бел сос.
А еве што вели Кате за сервирање на пилешкото во бел сос: „Изберете си по ваша желба со што ќе го послужите, во мојот случај овојпат беше пире“. Ние само ќе додадеме дека вреди да се проба!

Состојки:
- 4 батаци
- 1 помала главица кромид
- 2-3 моркови
- 1 лажица путер
- 1 лажица маслиново масло
- 130-150 мл неутрална павлака за готвење
- неколку гранчиња сечкан магдонос
- 2 лажици рендано грана сирење (во замена може да користите пармезан)
- по потреба сол и црн пипер.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете ги батаците и додајте вода. Оставете ги батаците да се варат на средно висока температура.
- Штом батаците ќе се сварат, тенџерето тргнете го од огнот. Од варените батаци извадете го месото и искинете го на парчиња.
- Кромидот и морковите изрендајте ги на ситната страна од рендето.
- Во тава на оган ставете ги путерот и маслото.
- Откако путерот ќе се растопи, во тавата додајте ги ренданиот кромид и моркови.
- Пржете ги на тивок оган, а потоа додајте ги парчињата месо.
- Откако се заедно ќе се пропржи додајте ја павлаката, сечканиот магдонос и сирењето.
- Посолете, наросете мелен црн пипер и кратко оставете да проврие заедно. Потоа, пилешкото во бел сос сервирајте го со пире, варен ориз или прилог по ваша желба. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигоровска.
Ви предлагаме да прочитате: Пилешко во бел сос.