Колку е добро кога ќе погледнеме нова свежа идеја за размрдување на менито! Посебно е специфично кога треба да се подготви нешто посно и вкусно, слободно можеме да кажеме дека е предизвик кој треба да задоволи многу пребирливи вкусови. Баш таков е нашиов рецепт за посна манџа со фиде и зеленчук!
Одличен, вкусен, полн со хранливи состојки. Супер оброк за топлите денови и за сите кои постат. Да пробаме и да го уживаме новиот вкус!

Состојки:
- 100 гр фиде
- 150 – 200 гр замрзнат грашок
- 2 моркови
- 1 мала главица кромид
- 1 црвена пиперка
- 1 домат
- мешан сув зачин, сол и црн пипер по вкус
- 10-тина лажици масло
- 500 мл зовриена вода.
Подготовка:
- Морковот измијте го и изрендајте го.
- Пиперката измијте ја, кромидот излупете го и исечкајте ги на ситни парчиња.
- Пропжете ги во тава со загреано масло за малку да омекнат.
- Потоа додајте го грашокот и доматот, претходно исечкан на коцки.
- Додајте и половина чаша вода и оставете ги да се варат додека водата целосно испари.
- Откако водата испарила додајте го фидето и 500 мл зовриена вода.
- Додајте ги и зачините по вкус, измешајте и оставете да се варат додека фидето омекне, а водата испари. Со оваа количина на вода смесата убаво се извари и беше доволна за фидето да биде не преварено.
- Готовата посна манџа со фиде и зеленчук е најдобра кога малку ќе се излади, па оставете ја кратко да постои и послужете ја со салата по желба.
На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Посни плескавици од компири.