Сликата кажува се! Топла или ладна, оваа посна проја со печурки е идеална за појадок или ужина. Брзо и лесно може да ја направите со само неколку едноставни состојки.
Рецептот е испробан во кујната на Катерина, а додатокот од свежи печурки и дава фантастичен вкус. Направете ја и не заборавајте да ни напишете коментар како ви се допаднала.

Состојки:
- 1 чаша пченкарно брашно
- ½ чаша пченично брашно
- ½ чаша интегрално брашно
- ½ чаша масло
- 1½ чаша газирана вода
- 1 лажичка сол
- 250 гр свежи шампињони
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 2 лажици ленено семе.
Подготовка:
- Во подлабок сад измешајте ги трите вида брашно, прашокот за печивото и солта.
- Додајте го маслото, газираната вода и измешајте убаво со жица за матење за да не останат грутки.
- Печурките исечете ги на тенки листови и додајте ги во смесата. Измешајте уште еднаш.
- Истурете ја смесата во сад за печење (претходно премачкан со масло и набрашнет). По желба во тавата може да ставите хартија за печење.
- Пројата посипете ја со лененото семе. Тавата ставете ја во загреана рерна да се пече на 200 степени за време од 35-40 минути. Потоа, тавата извадете ја од рерната и покријте ја со кујнска крпа. Печената посна проја оставете ја кратко да се излади, а потоа исечете ја на парчиња и послужете. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: 3 испробани рецепти за проја без глутен.