Посна рибина чорба од ослич

Топло време, море или езеро, вкусни летни јадења и забавата може да започне! Направете идеална летната атмосфера во својот дом. Трпезата декорирајте ја со школки, свеќи и послужете посна рибина чорба од ослич. Идеална за топло предјадење или за лесна вечера.

За љубителите на чорби и супи имаме одличен рецепт! Чорба од ослич која лесно се подготвува и е одлична за време на пости. Можат да се најдат безброј вкусни и уникатни рецепти, а ние ви предлагаме да ја направите најдобрата чорба од ослич. Може да ја послужите во комбинација со домашно макало и печено лепче и да добиете оброк како од ресторан.

чорба

Состојки:

  • 1 кг ослич
  • 1 помала главица кромид
  • 1 морков
  • 200 г корен од целер
  • 2 домати
  • 125 мл бело вино
  • сол и црн пипер во зрно
  • ловоров лист
  • сок од ½ лимон
  • 2 лажици ориз
  • 2 лажици маслиново масло
  • магдонос.

Подготовка:

  1. Рибите одмрзнете ги, исчистете ги и убаво измијте ги. Со помош на кујнски нож исечете филети. Коските ставете ги во тенџере со вода.
  2. Морковот, целерот и доматите исечкајте ги на поголеми парчиња и додајте ги во тенџерето.
  3. Во тенџерето додајте ги кромидот пресечен на половина, ловоровиот лист, црниот пипер и белото вино. Чорбата ставете ја на оган да се вари. Откако ќе зоврие, намалете ја температурата и варете уште 20 минути.
  4. Со помош на лажица собирајте ја пената за време на варењето. Потоа, процедете ја течноста низ густо сито. Зеленчукот тргнете го во друг сад.
  5. Процедената течност ставете ја на оган. Додајте го оризот и сокот од лимон. Филетите од ослич пресечете ги на половина и ставете ги во течноста. Додајте маслиново масло и посолете по вкус. Чорбата варете ја за време од 20 минути, додека оризот е готов.
  6. Во меѓувреме морковите и целерот исечкајте ги и ставете ги во чинии за сервирање. Во чиниите додајте парчиња риба и ставете од течноста. Декорирајте со ситно сечкан магдонос по желба. Посната чорба од ослиќ послужете ја додека е топла. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Риба за силно срце и правилна функција на мозокот.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: