Голем број на семејни свечености, куќни слави, имендени, родендени се слават во време на пости, за што домаќините подготвуваат посни богати трпези. Секоја трпеза ја красат различни посни јадења, салати и десерти.
Токму за ваквите прилики ви предлагаме домашен рецепт за посна руска салата која сигурно ќе ви се допадне и вас, а на многумина ќе им се најде за време на различни свечености. Дегустирајте ја оваа посна руска салата и збогатете ја трпезата.

Состојки:
- 400 грама компири
- 400 грама моркови
- 200 грама маринирани шампињони
- ½ мала конзерва грашок
- 200 гр посен кашкавал од растително потекло по желба
- 6 кисели краставички
- 300 мл посен мајонез.
Подготовка:
- Компирите измијте ги, излупете ги и ставете ги да се варат. Техниката за најдобро варење на компири за салата прочитајте ја тука.
- Морковите измијте ги, добро исчеткајте ги или излупете ги и ставете ги во тенџере на оган со вода да се варат. За побрзо да се сварат, морковите исечкајте ги на ленти.
- Грашокот ставете го во цедалка за да се исцеди.
- Варените компири и моркови исечкајте ги на мали коцки и ставете ги во длабок сад. Кашкавалот, печурките, краставичките исечкајте ги на мали коцки и додајте ги во садот со компири.
- Состојките посолете ги по вкус и убаво измешајте ги.
- Потоа, во садот ставете неколку лажици од мајонезот, измешајте и оставете ја салатата да отстои во фрижидер за време од 20 минути.
- Пред сервирање, додајте го остатокот од мајонезот, измешајте и по желба премачкајте ја салата. Декорирајте ја по желба.
Целта на двократното ставање на мајонезот е поради тоа што компирот ќе го впие мајонезот и ја менува сочноста на салатата, односно ќе биде посува. Затоа се додава пред самото сервирање со што се добива покремаста посна руска салата. Ова е доза прилагодена за слави и други домашни прослави, а по желба може да ја намалите или зголемите дозата во зависност од намената.
Рецептот го испратил: Даниела Џогова