Посна солена торта со спанаќ

Рај за очите, убавина во чиниите! Токму вака може да се опиши нашата посна солена торта со спанаќ. Ја приготвивме за именден во време на пости, а сите кои ја пробаа го побараа рецептот.

Лесна е за подготовка и секој може да ја направи. Идејата за рецептот ја добивме од нашата пријателка Елена, но направивме некои модификации, па ја споделуваме нашата верзија. Посна и вегетаријанска, одлична за сечиј вкус! Пробајте ја, па напишете ни како ви се допаднал овој рецепт од кујната на Сѐ за храна.

посна солена торта

Состојки:

  • 100 мл пиво
  • 100 мл масло
  • 100 мл газирана вода
  • 20 рамни лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • ½ мала лажичка хималајска сол или по вкус
  • ¼ мала лажичка куркума
  • 200 до 250 грама спанаќ.

За фил:

  • ½ чаша ориз
  • 2-3 лажици посен мајонез
  • 3-4 кисели краставички
  • 150 грама маринирани печурки или посен кашкавал по избор
  • сол по вкус
  • 2 лажици посен мајонез за премачкување
  • 30 грама потпечен сусам за декорација.

Подготовка:

  1. Спанаќот исчистете го, измијте го и исечете го на ленти со ширина од околу 1 см. Во тенџере на оган ставете вода и додајте го спанаќот. Штом спанаќот омекни, тенџерето тргнете го од огнот. Потоа, спанаќот исцедете го.
  2. Во длабок сад стававте ги пивото, маслото и газираната вода. Измешајте ги состојките со лажица. Брашното, солта, куркумата и прашокот за печиво ставете ги во друг сад. Измешајте ги со лажица и додајте повеќе од половината во садот со маслото. Измешајте ги состојките.
  3. Во садот додајте го спанаќот и измешајте. Потоа, додајте го преостанатото брашно.
  4. Во голем плех ставете хартија за печење. Турете ја смесата и добро израмнете ја. Плехот ставете го да се пече во загреана рерна на 220 степени. Печете за време од 10 до 15 минути.
  5. Кога тестото ќе биде печено, извадете ја тавата од рерна и оставате ја да се излади.
  6. Во меѓувреме пригответе го филот.
  7. Во тенџере на оган ставете 1 ½ чаша вода и додајте го оризот. Варете го оризот за време од 10 од 15 минути, додека оризот омекне. Во тенџерето со оризот додајте ладна вода, а потоа добро исцедете го.
  8. Ставете го во длабок сад.
  9. Киселите краставички и печурките исечете ги на мали коцки. Потоа додајте ги во садот со оризот. Измешајте и додајте го мајонезот. Количината на мајонез е мала, а доколку сакате покремаст вкус, може да додадете повеќе мајонез по желба. Посолете по вкус. Филот поделете го на два еднакви делови.
  10. Изладеното тесто исечете го на три ленти.
  11. Врз првата лента ставете половина од филот. Потоа, ставете ја втората кора. Врз неа нанесете го преостанатиот фил и добро израмнете. Ставете ја третата кора. Од горната страна премачкајте ја со посен мајонез и посипете со потпечен сусам.
  12. Тортата оставете ја најмалку еден час, а потоа исечете ја на коцки или парчиња по желба. Готовата посна солена торта со спанаќ послужете ја. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посен солен куглоф за слави.

Сподели: