Во времето на пости, Сѐ за храна ги има најдобрите предлози и рецепти, кои сигурно ќе ви бидат од корист. Нов супер рецепт за посни кифли со фил од печурки и компири ни доаѓа од кујната на Диана. На нејзиниот блог Trydiani, може да се најдат различни убави и вкусни рецепти.
Посно и вкусно за сите љубители на кифлички со фил! А сега имаме испробан рецепт за многу привлечни посни кифлички кои треба да се пробаат.

Состојки:
За тесто:
- ½ чаша масло
- ½ чаша топла вода
- 2 – 2 ½ чаши брашно
- сол по вкус.
За фил:
- 2 варени компири
- 1 страк сечкан праз
- 1 чаша сечкани маринирани печурки
- сол и црн пипер по вкус
- 1 лажица сечкан магдонос
- 1 – 2 лажици масло
- 1 лажица семе од сусам.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење се ставаат брашното, солта, маслото и водата. Се замесува меко и еластично тесто. Тестото се ставата во садот и се покрива со најлонска фолија да стои додека се подготвува филот.
- Компирите се лупат, сечкаат на поголеми парчиња и се варат. Постапката за најбрзо варење на компири прочитајте ја тука. Варените компири се цедат (се остава мал дел од течноста). Потоа се пасираат како многу густо пире.
- Во тава на оган со загреано масло се става сечканиот праз. Штом празот омекне, се додаваат исцедените печурки. Смесата се пржи додека испари течноста. На крај се зачинува со сол и црн пипер по вкус.
- Во садот со пирето се додава смесата со печурките и се меша додека се добие хомогена смеса. Потоа се остава кратко за да се излади.
- Рерната се загрева на 180 до 200 степени. Тестото се дели на 12 до 16 дела и од секој дел се формира топка. Топчињата се сучат со малку брашно како тенки правоаголни кори. На едниот крај од кората се става по 1 голема лажица од филот со печурките, а потоа се виткаат кифличките како пури или сарми.
- Тавата се обложува со хартија за печење и се редат кифличките. Се наросуваат со сусам и се ставаат да се печат во загреаната рерна за време од 30 минути или повеќе, во зависност од големината. Потоа, се вади тавата од рерна и се остава кратко време да се излади. Печените посни кифли со фил од печурки и компири се служат со доматен сос по желба. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: 15 најдобри посни рецепти за кифлички, лепчиња и пити.