посни пирошки

Посни пирошки од палачинки со фил од печурки

За љубителите на палачинки и печурки им предлагаме интересен рецепт за похувани посни пирошки, кои ни ги испрати Невена. Овие посни пирошки се идеални за време на пости и одлично се вклопуваат на секоја трпеза.  

Рецептот нуди можност да бидете креативни и да направете фил по ваша желба. Едноставно додајте маслинки, кисели краставички, а доколку не постите ви предлагаме да ги пробате со фил од мелено месо, кромид и доматно пире.

посни пирошки

Состојки:

  • 1 л вода
  • 500 -600 гр брашно
  • 5 лажици масло
  • 1 мала лажичка сол
  • 500 гр шампињони
  • 2 средни компири
  • 2 чешниња ситно сечкан лук
  • 5-6 лажици пире од домати
  • 3-4 гранчиња ситно сечкан магдонос
  • 1 мала лажичка мешан сув зачин
  • по вкус сол и црн пипер
  • 1 мала лажичка оригано
  • по потреба млеко од соја
  • по потреба лебни трошки

Подготовка:

  1. Водата, брашното, маслото и солта ставете ги во сад за матење. Изматете ги со миксер за да се добие хомогена смеса. Од добиената смеса испечете палачинки, покријте ги со кујнска крпа и оставете ги да изладат.
  2. Компирите излупете ги, исечете ги на мали коцки и ставете ги во помал сад со вода да се варат. Варените компири исцедете ги од водата и испасирајте ги како пире.
  3. Печурките исчистете ги, измијте ги и изрендајте ги на ливчина (на страната од рендето за рендање зелка). Ставете ги да се пржат во тава со масло. Посолете ги, зачинете по вкус и додајате црн пипер, лук и магдонос. Оставете печурките да се динстаат додека течноста испари. Потоа тргнете ги на страна и оставете ги да изладат.
  4. Во изладените печурки додајте го пирето од компири, пирето од домати, ориганото и измешајте за да се изедначи смесата.
  5. На секоја палачинка на долната страна ставајте по две до три лажици од филот, свиткајте ја од станите, а потоа завикајте ја во ролничка. На крајот прицврстете ја со чепкалка.
  6. Од кога ќе ги свиткате сите палачинки извалајте ги прво во млекото од соја, а потоа во лебните трошки.
  7. Пирошките пржете ги во загреано масло од двете страни, а потоа извадете ги на кујнска хартија. Приговените посни пирошки може да ги послужите како предјадење или како комлетен оброк со салата и посен мајонез.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: