Погачите се едни од најубавите печива! Ретко кој е мајстор за погачи, но благодарение на Катерина, сега секој ќе може да направи убава путер погача со павлака.
Таа за овој рецепт вели: „Погачава ја видов на нет. Многу привлечно изгледаше, па веднаш си ја направив. Оригинално рецептот беше со маргарин, а јас го заменив со путер. Мирисна, вкусна…..кој сака нека проба.’’

Состојки:
- 600 г брашно
- 15 г свеж квасец
- 300 мл млеко
- 100 мл масло
- 2 лажички сол
- 1 лажичка шеќер
- 1 јајце.
За полнење:
- 100 г путер
- 200 г кисела павлака.
За премачкување:
- 1 жолчка
- по потреба сусам, лен.
Подготовка:
- Брашното ставете го во сад за месење.
- Во мал сад на оган ставете дел од млекото. Штом млекото малку се загрее, садот тргнете го од огнот.
- Во загреаното млеко додајте ги квасецот и шеќерот. Измешајте додека квасецот се растопи, а потоа оставете го да нарасне.
- Со жица изматете ги јајцето, солта и маслото. Додајте ја оваа смеса во брашното.
- Откако квасецот ќе нарасне додајте го во садот со брашно. Со додавање на преостанатото загреано млеко замесете тесто.
- Тестото покријте со најлонска фолија и оставете го да стаса. Потоа поделете го на 4 топчиња.
- Со помош на сукалка, од првото топче исучете кора. Врз кората ставете 50 грама путер исечен на мали коцки.
- Врз оваа кора ставете ја втората кора и премачкајте ја со киселата павлака.
- Ставете ја третата кора и врз неа наредете ги простанатите коцки путер.
- На крај ставете ја четвртата кора која ќе ја истегнете благо надолу да дојде со краевите под првата кора. На тој начин убаво ќе се оформи погача.
- Прво засечете ја погачата во форма на крст. Потоа, направете неколку засеци како што е прикажано на сликата, со тоа што нема да сечете до краевите и до долу.
- Погачата премачкајте ја со разматена жолчка и посипете со сусам и лен.
- Оставете ја да нарасне додека се загрее рерната на 200 степени. Погачата печете околу 30 минути.
- Совет плус: Бидејќи погачата е премачкана само со жолчка, доколку почне многу да се вцрвенува, при самиот крај на печењето ставете одозгора алуминиумска фолија. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за едноставна и лесна погача.