Ретко кој не слушнал и кој не го пробал овој сочен и превкусен десерт! Има повеќе локали каде може да пробате, но често желбата да се проба истиот вкус дома е неодолива, па повелете еден испробан рецепт за домашно трилече по предлог на Невена.

Состојки:
За пандишпан:
- 6 јајца
- 300 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 300 гр брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво.
За прелив од млеко:
- 1 л млеко (3.5% масленост)
- 750 мл слатка павлака (нематена хопла)
- 250 мл млеко за кафе (10% масленост).
За премачкување:
- по желба може готов карамел крем.
Подготовка:
- Одделете ги белките од жолчките. Потоа, белките заедно со шеќерот, изматете ги цврсто како шлаг и додавајте ги жолчките една по една, а при тоа не престанувајте со матењето додека убаво се соедини смесата.
- Додадете го брашното заедно со прашокот за печиво и измешајте со голема лажица или со жица.
- Смесата турете ја во претходно намрсен со путер и набрашнет плех (35х20х6см).
- Ставете го да се пече околу 10 минути во загреана рерна на 200 степени, па намалете ја температурата на 180 и печете уште 20 минути.
- Печениот пандишпан оставете го да се лади (но не премногу, треба да биде млак), а во меѓувреме измешајте ги сите видови на млеко.
- Млакиот пандишпан превртете го врз крпа и во плехот ставете половина од измешаното млеко. Во него, така превртен ставете го пандишпанот и потоа дотурете го останатото млеко.
- Пандишпанот оставете го околу 2 часа за да впие од млекото, па исечете го на коцки, покријте го со фолија и ставете го во фрижидер неколку часа за добро да се разлади.
- Пред сервирање секоја коцка мачкајте ја со готов карамел.
На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.