Лахмаџун или турска пица е традиционално турско јадење. Иако според многумина највкусен лахмаџун може да се проба во Истанбул, вие не мора да патувате дури до таму. Засукајте ги ракавите и испробајте ја вашата кулинарска способност. Направете лахмаџун во домашни услови по рецептот на Ана.
Таа вели: „Кога прв пат го пробав овој специјалитет тоа беше љубов на прво залче. Од тој момент си ветив дека морам да си направам лахмаџун дома и ете конечно му дојде денот. И знаете што? – Го направив уште поубав, можеби затоа што сѐ е повкусно кога се прави со љубов! “
Состојки:
За тесто:
- 400 г брашно
- 1 лажичка сол
- 300 мл топла вода.
За фил:
- 400 г мелено месо
- 2 главици кромид
- 200 г домати
- 1 зелена пиперка
- пола китка магдонос
- 1 лажица црвен пипер
- 2 лажици доматен сос
- 1 лажица оцет
- 2 лажици вода
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Во подлабок сад ставете ги брашното и солта. Постепено додавајте топла вода и замесете тесто. Продолжете со месење на набрашнета површина околу 5 минути. По желба, тестото може да го месите и во кујнски робот.
- Од тестото формирајте ролат околу 30cm и исечете го на 6 еднакви делови. Со рака формирајте топчиња, покријте ги со кујнска крпа и започнете со подготовка на филот.
- За филот најдобро е сите намирници да се исечкаат ситно. За да заштедите време најдобро зеленчуците да ги иситните во блендер. Исечканите намирници ставете ги во сад и додајте ги магдоносот, доматниот сос и оцетот. Додајте го месото и зачинете. Убаво измешајте. Смесата треба да биде мазна, без поголеми парчиња. Подготвената смеса оставете ја во фрижидер.
- Секое топче од тесто расукајте го во форма на круг на набрашнета површина. Ако тестото ви се лепи ставете малку масло. Најважно е да расукате тенка кора за да биде крцкава.
- Расуканата кора ставете ја во тава обложена со хартија за печење. Филувајте ја и ставете ја да се печи во претходно загреана рерна на 230 степени, додека порумени. Постапката повторете ја со сите топчиња.
- Готовиот лахмаџун сервирајте го со свеж магдонос и парчиња лимон и послужете го. На здравје!
Препорака од авторот:
- Најважно е состојките за филот да се ситно исечкани.
- Можете да печите по две кори наеднаш, во зависност од големината на рерната и тавата во која печите.
- За подобро уживање во вкусот, лахмаџунот послужете го со зелена салата и ајран по желба.
Автор на рецепт: Ана Крстаноска (ana_kitchen_corner).
Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за турски симит.