посен мазник со спанаќ

Од кујната на Марија Кочовска: Рецепт за посен мазник со спанаќ

„Вкусен, вегетаријански предлог за посен мазник со спанаќ кој сигурно ќе ви се допадне и вам. Во некои краеви на Македонија, овој месен специјалитет е познат како мазник, тегната пита, а може да се сретне и како колпите.

Рецептот е повеќе пати испробан во моата кујна, а одличен за збогатување на трпезата за време на пости, куќни слави, имендени или други свечености. Редовно е на нашата листа на омилени рецепти кои ги приготвуваме за посните слави и имендени. Не двоумете се и пробајте го уште денес!“ – вели Марија, фудблогер и уредник на sezahrana.mk.

посен мазник со спанаќ

Состојки:

  • 700 грама брашно
  • 1/8 од мала коцка квасец
  • ½ мала лажичка шеќер
  • 100 мл млака вода
  • 50 мл масло
  • 1 мала лажичка сол
  • 200 мл газирана минерална вода
  • 500 грама свеж спанаќ.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го квасецот, шеќерот, 1 лажица брашно и млаката вода. Убаво измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Оставете го садот на топло место за време од 5 до 10 минути додека квасецот нарасне.
  2. Брашното пресејте го со сито.
  3. Во длабокиот сад ставете ги брашното, маслото, солта и постепено додавајте газирана минерална вода. Замесете меко тесто.
  4. Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел формирајте топка, а потоа со сукало исучете кора со дијаметар од 15 см. Корите од двете страни премачкајте ги со масло и оставете ги да стојат за време од 20 минути.
  5. Во меѓувреме, спанаќот исчистете го, измијте го и исечете го на ленти со ширина од 1 см. Лентите спанаќ ставете ги во длабок сад и додајте сол. Добро изгмечете го спанаќот со солта.
  6. Потоа, врз масата ставете чаршав. Врз чаршавот истегнете голема тенка кора. Краевите на кората отстранете ги со помош на нож. Кората попрскајте ја со масло и врз неа нанесете од спанаќот, кој претходно добро ќе го исцедите. Со помош на чаршавот, кората свиткајте ја како ролна. Постапката повторете ја со сите кори. Вака приготвените кори, ставете ги во претходно намрсена тава. Повторно попрскајте ги корите со малку масло и ставете ја тава во загреена рерна на 250 степени.
  7. Припремениот посен мазник со спанаќ печете го за време од 20 до 25 минути, додека добие убава румена боја. Печениот мазник извадете го од рерната, прекријте го со кујнска крпа и оставете го кратко време да се излади. Потоа, исечете парчиња и послужете. На здравје!

Ако ти се допадна овoј рецепт и сакаш да следиш повеќе рецепти од мене, посети ги моите профили и заследи ме:

А што велиш за посен мазник со кисела зелка? 

Сподели: