Специјално за сите обожаватели на превкусните компирчиња и за сите кои сакаат да уживаат во дружбите и мезењето со пријателите, овој пат припремивме нов рецепт за неодоливи и посни топчиња од компири. Директно од нашата кујна, не пропуштајте да ги пробате! 🙂

Состојки:
- 5 поголеми компири
- 1 главица кромид
- 200 гр брашно
- 1 кесичка прашок за печиво
- 50 мл масло
- 3 лажички оригано
- 2 лажички црн пипер
- 1 и 1/2 лажиче сол
- вода по потреба (30-50 мл).
Подготовка:
- Во сад на оган ставете ги компирите да се варат, а пред тоа измијте ги, излупете и пресечете ги на парчиња, а доколку сакате да го погледнете методот за најбрзо варење на компири кликнете овде.
- Откако компирите ќе се сварат исцедете ги и испасирајте ги.
- Исто така изрендајте го или ситно исечкајте го кромидот. Вака додаден без термичка обработка му дава на посните топчиња прекрасен, уникатен и на моменти крцкав вкус, а доколку не сакате многу да го чувствувате како решение предлагаме малку да го запржите. Одлуката останува на вашата желба.
- Иситнетите компири и кромидот, ставете ги во поголем сад за месење, а потоа додајте ги брашното, печивото, ориганото, солта и црниот пипер и на крај додадете го маслото. Количината на вода која ќе ја додадете може да варира од 30-50 мл зависно од тоа колку добро сте ги исцедиле компирите на почеток.
- Смесата убаво се меси со раце и треба да е мазна и доволно густа за да може да се оформат убави посни топчиња од компири. Големината на нашите топчиња беше малку поголема од лешник и нешто помала од орев, тоа може да го прилагодите по желба.
- Готовите топчиња пржете ги во поголема количина врело масло за да не им се расипе формата. Штом ги ставите во маслото тие ќе потонат, а кога се готови поруменуваат и се подигаат на површината. На почеток може да ги извадите од маслото врз хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија, а потоа да ги сервирате како што сакате.
На здравје!