Цвеклото мами со впечатливата боја која секого го става во искушение. Калориска вредност од само 43 калории во 100 грама, ниска содржина на холестерол, заситени масти и висока застапеност на растителни влакна, го прават цвеклото едно од здравите задоволства, широко употребувани и одлични за посакуваниот израз во огледалото.
Некои го сакаат свежо, а на некои вкусот на цвеклото во тегли им е поприфатлив. Благодарение на Даниела, со вас го споделуваме рецептот за подготовка на цвекло во тегли, кој таа редовно го подготвува за зимница.

Состојки:
- 7 кг цвекло
- 1 л оцет
- 1,5 л вода
- 500 грама шеќер
- 300 грама сол (може да ја намалите количината на сол)
- 250 мл масло
- 2 лажици мајчина душица.
Подготовка:
- Цвеклото се убаво се мие. Во тенџере на оган, се става вода да се вари се додава измиеното цвекло.
- Штом цвеклото ќе омекне се лупи и се сече на парчиња по желба.
- Исечканото цвекло се става во поголем сад во кој се додаваат оцетот, маслото, водата, солта и шеќерот. Садот со цвеклото се става на оган и се остава да врие за време од 30 минути.
- По желба се додава мајчина душица. Ако користите мајчина душичка од ќесичка тогаш ставете 3-4 кесички зависно од квалитетот на чајот, а ако имате сами собрано тогаш во газа се врзуваат 2 лажици од чајот и така се става да врие со солилото. Притоа, важно е мајчината душица да се стави во газа, затоа што во спротивно може да се налепи на цвеклото и нема да биде пријатно за сервирање.
- Рерната се загрева на 100 степени и во неа се затоплуваат 12 тегли. Цвеклото се собира врело во врели тегли. Изладените тегли со цвекло се сместуваат кај останатата зимница.
Рецептот го испратил: Даниела Џогова