Уште еден супер рецепт од кујната на Лана. Вкусните ролнички од модар патлиџан може да ги послужите како топло предјадење, но и како лесен појадок или вечера. Совршени се за оние денови кога не ви се готват комплицирани рецепти и не сакате да трошите часови во кујната.
Вака подготвените ролнички се многу декоративни, па совршено може да се вклопат и на вашите свечени трпези. И што е најважно, лесно и брзо се прават, па нема да ви одземат многу време за нивна подготовка, а крајниот резултат ќе ги воодушеви сите. Па така, вие ќе имате повеќе слободно време да помините со вашите пријатели.
Состојки:
- 1 модар патлиџан
- 300 г полномасно сирење
- сол и црн пипер по желба
- зачин по желба
- масло по потреба
- магоднос по потреба.
Подготовка:
- Модрите патлиџани темелно измијте ги и исечете ги на тенки ленти.
- Лентите од модар патлиџан посолете ги и оставете ги да пуштат сок, а потоа пребришете ги со кујнска хартија.
- Парчињата модар патлиџан премачкајте ги со масло и испечете ги на тостер на ребрестата површина или пак на грил тава.
- Во меѓувреме подгответе го и филот. Сирењето издробете го и зачинете го по желба. Може да користите црн пипер, мелена пиперка или некој друг зачин по ваш вкус.
- На секоја лента модар патлиџан ставете по една лажичка или две од вака подготвениот фил од сирење и завиткајте ја како ролна.
- Со помош на гранче од магоднос подврзете ги ролничките и веднаш послужете ги.
Напомена: На истиот начин може да направите и ролнички од тиквички, а во замена за филот од сирење за промена да направите фил од туна и крем сирење.
Ви предлагаме да прочитате: Ролнички со печурки и бешамел.