Досадено ви е од класичните салати кои често ги правите дома? Сакате ли да испробате нов рецепт? Имаме супер предлог за салата со леќа, сирење и маслинки.
Интересна комбинација која верувајте дека ќе ви се допадне. Леќата со сирењето одлично се комбинираат, а маслинките го дополнуваат вкусот.
Состојки:
- 1 ½ чаша (270 гр) леќа
- 1 лаворов лист
- гранчиња мајчина душица по желба
- 1 ситно сечкан или рендан морков
- 1 мала главица ситно сечкан црвен кромид
- ситно сечкано стапче целер по желба
- 100 грама маслинки
- 100 грама сирење.
За прелив:
- 1 лажица црвена винска киселина
- 1 ¼ мала лажичка сол
- 1 мала лажичка сенф
- 1/3 чаша (60 мл) маслиново масло
- мелен црн пипер по вкус
- ситно сечкан магдонос.
Подготовка:
- Измијте ја леќата и ставете ја во тенџере со вода да се вари. Додајте ја солта, лаворовиот лист и мајчината душица. Штом водата зоврие, намалете ја температурата и оставете ја леќата да се вари за време од 15 минути.
- Во тенџерето додајте ги ситно сечканиот морков, кромид и целер и варете ги уште 5 до 10 минути, односно додека леќата омекне. Притоа, внимавајте да не омекне премногу.
- Додека леќата се вари, направете го преливот. Измешајте ја киселината, солта, сенфот и маслото во голем сад.
- Варената леќа исцедете ја и додајте ја во садот со маслото. Измешајте, лаворовиот лист и мајчината душица тргнете ги и оставете ја леќата да се излади на собна температура.
- Зачинете ја со мелен црн пипер, магдонос, маслинки и сирење. Додајте сол по вкус. Салата може да ја сервирате топла или изладена на собна температура. Готовата салата со леќа пред служење декорирајте со парчиња лимон и мајчина душица. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посна салата со ориз, леќа и печурки.