Струмички рецепт за татлија со пресно сирење 1

Струмички рецепт за татлија со пресно сирење

Овој испробан рецепт за подготовка на домашна татлија со пресно сирење потекнува од Струмичкиот крај, а дознавме како може да ја направиме благодарение на Весна. Татлијата често се меша со раванијата, а подолу може да прочитате која е разликата помеѓу нив. Во секој случај, ова е десерт чиј вкус е одличен и лесно прифатлив за јадење!

Убаво е некогаш да прочитаме нешто на некој дијалект и да се потсетиме на карактеристиките на нашето поднебје. Па, коментарот на Весна ви го презентираме оригинално, а еве што вели: „Штом дојде пролетта во Струмица, се прави татлии со пресно сирење. Се прави за Прочка, за Велигден, но и во обични денови. Многу брзо се прави, ама сепак треба да ти се погоди, како велиме и на изглед, и на вкус и на шербет. Татлиита често се меша со равании. Но, разликата е огромна, раваниита не е со пресно сирење, а може да и се додаде ореви, бадеми… Татлијата е без додатоци и се прави со пресно сирење.“

Струмички рецепт за татлија со пресно сирење 2

Состојки:

  • 4 јајца
  • 1 филџан шеќер
  • 600 гр пресно сирење
  • 1 филџан масло
  • 1 филџан гриз
  • 2 филџани брашно
  • 1 прашок за печиво

За шербет:

  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 1 лимон
  • 1 кг шеќер
  • вода по потреба – да го покрие шеќерот.

Подготовка:

  1. Се матат јајцата со шеќерот, но уште поубава е ако се матат одделно белките од жолчките.
  2. Се додаваат состојките и се меша убаво да се соединат.
  3. Се става во претходно намрсен плех/тава со големина бр. 30 (оваа на фотографијата е печена во тава бр. 28, па затоа е малку повисока).
  4. Се пече подолго време на 200, зависно од рерната, но како показател, треба да добие темна боја одозгора.
  5. Откако малку ќе се излади, се сече по желба.
  6. Се подготвува шербетот по вкус, се додава ванилата и лимонот исечен на кругови. Се потурва, врел шербет на малку изладена татлија, а потоа кратко се враќа во рерна, околу 10 минути.

Во врска со изгледот и вкусот, еве што друго дознавме од Весна: „Татлијата треба да биде темна одоздола и одозгора и жолта – килибар во средина, тогаш е погодена, по старинскиот рецепт. Вкусот со пресно или младо, несолено сирење е неповторлив! Колку подолго стои, поубава е. Може да ја чувате во фрижидер, покриена со транспарентна фолија.“ На здравје! Уживајте во секое залче пријатели!

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com

Ви препорачуваме да прочитате: Традиционален рецепт за раванија со гриз.

Сподели: