Дали сте пробале тиро салата? Интересна комбинација од фета сирење, павлака и феферони која веруваме дека ќе го освои сечиј вкус. Послужена со топло лепче – фурнаринки е вистински избор за мезе со омилениот филм или фудбалски натпревар.
Марија учествуваше на кулинарскиот предизвик организиран од sezahrana.mk, па нејзиниот рецепт го споделуваме со сите.

Состојки:
- 200 г фета или крем сирење
- 200 мл кисела павлака
- 4-5 феферони
- 1 лажица маслиново масло
- ½ мала лажичка оригано
- сол по вкус
- свеж лук или лук во прав по желба.
За лепче (фурнаринки):
- тесто за пица
- 1 белка
- сусам и оригано.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете го сирењето и издробете го со виљушка. Во садот додајте павлака и измешајте.
- Фефероните исечкајте ги и додајте ги во салатата. Зачинете со маслиново масло, оригано, сол и лук по желба.
- Тестото за пица исечете го на осмини и премачкајте го со изматена белка. Наросете сусам и оригано. Ставете го во тава и печете го во загреана рерна на 250 степени за време 5-7 минути, додека порумени.
- Салатата сервирајте ја во сад, ставете малку масло, феферони и оригано. Послужете ја со топлото лепче. Уживајте во светот на вкусовите!
Препорака од авторот:
„Оваа салата ја посветувам на мојот град – Битола (по повод денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември или во поново време како што го нарекуваат роденденот на градот), на моите драги битолчани и сите пријатели кои поминале низ Битола и пробале дел од специјалитетите на овој град. И името на салатата го оставив на битолски – тиро салата со лепче. Во друга прилика би ја нарекла тиро салата со фурнаринки, но целта ми е да ја доловам битолската култура, јазик и обичаи. Тиро салатата може да ја порачате речиси во секој ресторан, а гурманите често пати ја земаат за мезе со чаша ракија или узо. Тоа е таа убавина на Битола – која е опеана и низ песните.„ – вели Марија.
„Битола, бабам Битола
таму се живот живее.
Таму се живот живее,
таму се јаде и пие.“
За повеќе рецепти заследи ја Марија на Инстаграм: https://www.instagram.com/kocovska.marija/

Автор на рецептот: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви препорачуваме да прочитате: Најдобриот рецепт за шеф салата.