Во нашата кујна ви припремивме лесен, брз и здрав рецепт за печени ќофтиња од тиквички и изварка. Тиквичките се нискокалорични, богати се со растителни влакна и се препорачуваат при диети, за исхрана на лица кои имаат проблеми со кардиоваскуларниот систем и дијабетес. Изварката е богата со протеини и калциум. Овие ќофтиња од тиквички и изварка може да ги консумираат и лица кои практикуваат исхрана без глутен, исхрана без шеќери и исхрана со мал внес на јагленихидрати .
Состојки:
- 1 средна тиквичка
- 5 лажици изварка
- 1 јајце
- сол и црн пипер
- овесно брашно за посипување
Подготовка:
- Тиквичката излупете ја и изрендајте ја на крупната страна од рендето. Ренданата тиквичка ставете ја во сад, посолете ја и оставете за време од 30 минути. Потоа тиквичката добро исцедете ја.
- Во длабок сад ставете ја исцедената тиквичка, изварката, јајцето, посолете по вкус и додајте црн пипер. Добро измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Доколку сместа е многу течна, може да додадете овесно брашно.
- Од смесата формирајте ќофтиња и валкајте ги во овесно брашно. Припремените ќофтиња од тиквичка ставете ги во тава обложена со хартија за печење.
- Печете ги во загреена рерна на температура од 220 степени. По 10 минути, ќофтињата превртете ги на другата страна и печете уште 10 минути, додека добијат убава румена боја.
- Печените ќофтиња од тиквички и изварка послужете ги топли во комбинација со салата или млечен сос.
