Вртена пита со готови кори

Ако сакате да направите пита, а не сакате да тегнете или сукате тесто, нашата пријателка Емилија има одличен рецепт. Вртена пита со готови кори, совршена за подготовка кога ви се најавиле гости или едноставно кога сакате да направите нешто брзо за ручек или вечера. Послужете ја со чаша јогурт и уживајте во вкусот.

Со малку труд и за кратко време направете вртена пита со готови кори за вашето семејство. Најдобро е тоа што може да бидете креативни и да ја направите и со фил по ваша желба. Може да биде блага или солена, изборот е ваш!

вртена пита со готови кори

Состојки:

  • 500 г кори
  • 200 мл кисела вода
  • 100 мл масло
  • пола кесичка сув квасец.

За фил:

  • 250 г сирење
  • 300-400 г обарен спанаќ.

Подготовка:

  1. Тавата за печење (бр.28) обложете ја со хартија за печење.
  2. Во сад издробете го сирењето и додајте го спанаќот. Измешајте за состојките да се соединат.
  3. Во друг подлабок сад измешајте ги киселата вода, маслото и сувиот квасец.
  4. Земете една кора и наросете ја со смесата од кисела вода и масло. На ивицата од кората ставете од филот. Завиткајте ја кората во ролат, а потоа завртете ја како полжавче. Постапката повторувајте ја со сите кори и ставајте ги во продолжение на првата кора, додека да ја обликувате цела пита.
  5. Со остатокот од смесата наросете ја цела пита и ставете ја да се печи во претходно загреана рерна на 180 степени, додека порумени.
  6. Готовата пита исечете ја на парчиња и послужете ја со чаша јогурт или кисело млеко. На здравје!

Совет плус од авторот:

  • Питата може да ја направите и со фил од сирење и праз.
  • Бидејќи смесата за наросување на корите е неутрална, може да направите и блага варијанта на питата, со фил од тиква или јаболка со цимет и ванила. Препуштете се на вашата фантазија!

Автор на рецептот: Емилија Минова Купенкова.

Ви препорачуваме да прочитате: Мазник – вртена пита со мелено месо.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: