Здрава храна за здрави нокти

Многу жени кои имаат слаби нокти се жалат на постојано лупење кое никако не може да се избегне. И покрај тоа што оние кои го имаат овој проблем веруваат дека никогаш повеќе нема да ги видат своите нокти убави и цврсти, сепак постојат неколку совети кои за само неколку недели можат да ви покажат одлични резултати. А за здрави нокти, покрај следните совети е потребно да се консумира здрава храна.

Ноктите растат во просек 2-3 милиметри месечно. Ноктите на рацете растат побрзо од ноктите на нозете и тоа најбрзо растат во лето и во тек на бременост, а интересен факт е тоа што ноктот на средниот прст расте најбрзо.  Квалитетот и здравиот изглед на ноктите можат да бидат нарушени од околните фактори, како ниски температури, честите маникири и користењето на ацетон, различни физички оштетувања, лошата исхрана и недоволниот внес на вода. Изложеноста на овие фактори може да доведе до суви и кршливи нокти, вертикални и хоризонтални вдлабнувања и испапчувања, промени во бојата и појава на пеги и дамки.

здрава храна за здрави нокти

За здрави и цврсти нокти консумирајте храна богата со витамини и протеини

Неправилната исхрана, недостигот на витамини и минерали, како и недоволниот внес на вода може да го забават растот на ноктите и да влијаат на нивното здравје. Квалитетна исхрана значи и тоа да се користи што повеќе свежо или минимално термички обработено овошје и зеленчук кои во дневното мени треба да бидат застапени со 50 до 80 отсто. За здравјето на ноктите, важно е да се внесуваат протеини од животинско потекло и витамини од свежо овошје. Ноктите се изградени од протеини и затоа е важно тие да бидат застапени во исхраната во соодветни количини. Намирници кои се богати со протеини се:

  • месо од живина
  • риба
  • јогурт
  • млечни производи, особено сирење и урда.

Витамините Б кој се наоѓаат во бадемите и цвеклото ги зајакнуваат кршливите нокти. Цинкот од мешунките, житата и месото е важен за растот на ткивата, а омега-3 масните киселини од лососот и туната ја подобруваат циркулацијата и го олеснуваат снабдувањето на ноктите со потребните хранливи состојки. Покрај тоа, се препорачува консумација на жолчка од јајце, црвени пиперки, лук, кромид, брокула и овес.

Ви предлагаме да прочитате: 4 совети за здрави и цврсти нокти.

Сподели: