Искористете ги остатоците од јаболката и направете домашна јаболкова киселина

Ако правите колач со јаболка, овој пат не ги фрлајте остатоците. Искористете ги и направете домашна јаболкова киселина. Јаболковата киселина доколку е произведена по природен пат е навистина здрава и богата со витамини и минерали. Во процесот на ферментација, хранливите и лековитите својства на јаболкото се зачувуваат и надополнуваат со ново настанати природни соединенија како танини и биофлавоноиди.

Треба да знаете дека повеќето типови на јаболкова киселина кои можат да се најдат по маркетите се пастеризирани, дестилирани и филтрирани, а со тоа имаат изгубено голем дел од својата нутритивна вредност. За да бидете сигурни дека киселината е природна и здрава, најдобро е да ја направите сами. Ви претставуваме еден интересен начин за нејзина подготовка и тоа од остатоци од јаболка.

домашна јаболкова киселина

Потребни состојки:

  • остатоци од јаболка (кора, внатрешност)
  • 1/4 чаша шеќер
  • 1 литар вода.

Подготовка на домашна јаболкова киселина:

  1. Остатоците од јаболката ставете ги во стаклена тегла. Во еден литар вода растворете околу ¼ чаша шеќер. Мешајте со лажица додека шеќерот се растопи. Овој раствор ставете го во теглата, така што водата ќе ги прекрие јаболката во целост.
  2. Потоа, врз теглата ставете чиста газа или памучна крпа која ќе ја прицврстите со ластик. Немојте да користите класично капаче, бидејќи за да може да се одвива ферментацијата на киселината потребно е воздух.
  3. Теглата оставете ја на темно место од 4-6 недели.
  4. Потоа киселината процедете ја и ставете ја во стаклено шише.

Совет плус: Доколку ви се чини дека киселината не е доволна јака додајте уште шеќер и оставете ја да ферментира уште малку време.

Ви препорачуваме да прочитате: Тајната на лековитоста на јаболковата киселина.

Сподели: