рижото со куркума

Кремасто рижото со куркума

За сите љубители на италијанската кујна имаме нов рецепт за кремасто рижото со куркума. Овој здрав и вкусен рецепт ќе го освои целото семејство, па сигурни сме дека често ќе се наоѓа на вашето дневно мени. А, тоа што е брз и едноставен нека ви биде уште еден мотив плус да им подготвите на вашите сакани здрав оброк.

Сигурно сте слушнале дека куркумата има многу придобивки за здравјето, поседува антивоспалителни и антиканцерогени својства, а има моќ и моментално да ја ублажи болката во телото предизвикана од реума и артритис. Корисна е при лекување на рани, изгореници и габични воспаленија на кожата, помага против покачен холестерол во крвта и претставува природен антибиотик. Има многу причини зошто да ја вклучите куркумата во секојдневната исхрана, а овој вкусен рецепт ќе ви помогне во тоа!

рижото со куркума

Состојки:

  • 320 г ориз
  • 30 мл бело вино
  • сол по вкус
  • 1 л пилешки или зеленчуков бујон
  • 50 мл ладно цедено маслиново масло
  • 40 г путер
  • 80 г рендан пармезан
  • 1 лажичка куркума
  • рендана кора од ½ лимон
  • магдонос по вкус
  • оригано по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво исечкајте го путерот на мали коцки и ставете го во фрижидер. Треба да е ладен кога ќе го додадете во оризот.
  2. Во длабока тава на оган на средна температура ставете го оризот и пропржете го неколку минути со постојано мешање.
  3. Во тавата додајте го белото вино. Откако ќе зоврие, додајте и дел од бујонот. Бујонот треба во целост да го прекрие оризот. Оставете го оризот да се вари на ниска температура со повремено мешање за да не се залепи на дното.
  4. Постепено додавајте од бујонот, додека се свари оризот. Посолете го по вкус и додајте ја куркумата, па добро измешајте. Рижотото не треба да биде ни премногу лепливо, ни течно, туку треба да добие кремаста конзистенција.
  5. Откако рижотото е готово исклучете го шпоретот и додајте ги ренданиот пармезан, маслиновото масло, ренданата кора од лимон и коцките ладен путер. Добро измешајте додека се хомогенизираат сите состојки со рижотото.
  6. Вака подготвеното рижото со куркума сервирајте го во чинија и поросете го со магдонос, оригано или друг свеж зачин по желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Практични совети за готвење со куркума.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: