печени полнети печурки

Печени полнети печурки со гвакамоле сос

Вкусно уживање за сите гурмани! Нов рецепт за печени полнети печурки овој пат со гвакамоле сос, дополнети со горгонзола и јатки од ореви.

Сигурно досега сте пробале полнети печурки со фил од кашкавал и салама, нели? А сега имаме поздрава варијанта за полнети печурки со сос од авокадо, домати, кромид и магдонос. Овој рецепт ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Диана, која го објави на блогот Trydiani.

полнети печурки со гвакаломе

Состојки за 2 порции:

  • 4 до 6 големи печурки
  • 2 лажици соја сос
  • 1 лажица балсамико
  • ½ мала лажичка ситно сечкан лук
  • ¼ мала лажичка мелен ѓумбир
  • 1 до 2 лажици масло.

За гвакамоле сос:

  • 1 авокадо
  • ¼ чаша домати, сечкани на коцки
  • ¼ чаша кромид, ситно сечкан
  • ¼ чаша свеж магдонос
  • ½ мала пиперка, по желба
  • ½ до 1 лажица сок од лимета
  • сол, црн пипер и ким по вкус.

За декорација:

  • 50 грама горгонзола
  • ¼ чаша јатки од ореви.

Подготовка:

  1. Рерната се загрева на 200 степени.
  2. Печурките се чистат, мијат и се сушат. Се редат во мала тава.
  3. Соја сосот, баласмико киселината, лукот, ѓумбирот и маслото се мешаат во мала длабока чинија. Од смесата со зачините се става врз секоја печурка, а еден дел се става во тавата. Печурките се оставаат да се маринираат за време од 15 минути.
  4. Потоа се ставаат во заграната рерна да се печат за околу 10 до 15 минути, во зависност од големината и саканата мекост на печурките. За време на печењето, тавата повремено се вади од рерната и печурките се прелеваат со течноста.
  5. Печените печурки се вадат и се оставаат кратко да се изладат.
  6. Во меѓувреме, авокадото се пасира. Во садот со пасираното авокадо се додаваат исечените домати, кромидот, магдоносот и пиперката (без семки). Сосот се меша и се зачинува со сокот од лимета, солта, црниот пипер и кимот.
  7. Изладените печурки се полнат со гвакамолето, а потоа се декорираат со горгонзола и запчени јатки од ореви. Останатиот дел од глакамолето се става во мали садови и се служи заедно со печените полнети печурки. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Печени печурки со лук и мајчина душица.

Сподели: