пијалак од вино со јаболко и круша

Пијалак од вино со јаболко и круша

Зимата е идеална за чаша вино со збогатен вкус на овошје и арома на цимет! Затоа ви предлагаме да го пробате овој пијалак од вино со јаболко и круша кој може да го послужите топол или ладен.

Направете топол пијалак и послужете го во ладните зимски денови. А доколку сакате да се освежите, направете го ладен. Постои и друга верзија, каде што пијалакот може да го направите без алкохол. Наместо вино користите сок од јаболка. Како и да го направите, ви гарантираме дека ќе ви се допадне.

пијалак од вино

Состојки:

  • 200 грама шеќер
  • 200 мл вода
  • 2 стапчиња цимет
  • 1 лимон
  • 1 шише црвено или бело вино по желба
  • 1 јаболко сечкано на парчиња
  • 1 круша сечкана на парчиња.

Подготовка:

  1. Шеќерот и циметот ставете ги во мало тенџере. Во тенџерето додајте 200 мл вода.
  2. Со помош на алатка за лупење на зеленчук излупете две тенки ленти од кората од лимонот. Потоа исцедете го сокот од половина лимон.
  3. Кората и сокот од лимон додајте ги во садот со шеќерот.
  4. Ставете го тенџерето на оган. Штом водата зоврие, продолжете со варењето уште 10 минути.
  5. Тенџерето тргнете го од огнот и оставете го да се излади. Потоа процедете ја течноста и извадете ги кората од лимон и стапчињата цимет.
  6. Постојат две варијанти на кои може да го послужите овој пијалак. Доколку сакате да го послужите ладен, следете ги овие инструкции. Изладениот сируп измешајте го со виното и оставете го за време од 30 минути. Потоа додајте ги сечканите јаболка и круши, и измешајте. Послужете го пијалакот веднаш.
  7. Доколку сакате топол пијалак, сирупот и виното ставете ги во тенџере. Загрејте ги неколку минути, а потоа додајте го и сечканото овошје. Топлиот пијалак ставете го во чаши и послужете го. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Варено вино со портокал, јаболко и цимет.

Сподели: