Посно македонско тавче гравче

Македонската кујна има повеќе традиционални рецепти, кои вреди да се зачуваат, да се споделат и да се пренесат на идните генерации! Еден од најпознатите специјалити е македонското тавче гравче кое најчесто се приготвува посно и се служи во петок или е чест дел од трпезата за време на пости. Но, се среќаваат и варијации на тавче гравче со колбаси, ќофтиња, чадено месо… Во оваа прилика Марија од нашоиот тим го споделува традиционалниот семеен рецепт за подготовка на посно тавче гравче. 

„Највкусното тавче гравче се прави во нашето семејство. Редовно го приготвуваме за куќната слава, па многумина кои имале можност да го дегустираат, веднаш го бараат рецептот. Често нѐ прашуваат и која е тајната состојка. А ние имаме повеќе тајни состојки, но најважната е љубовта при подготовката, како и користењето на домашниот македонски грав и домашните зачини – буковска пипер и нане кои сами ги произведуваме за лична употреба. И секако печењето во земјени тави кои им го даваат посебниот вкус на посното тавче гравче.

тавче гравче

Состојки:

  • 500 грама грав
  • 1 главица кромид
  • 2 суви црвени пиперки
  • 1 лажица црвен пипер
  • 50 мл масло
  • сол и црн пипер по вкус
  • буковска пипер
  • суво нане.

Подготовка:

  1. Гравот се чисти, се мие и се става во тенџере. Се додава ладна вода и се остава да отстои преку ноќ. Гравот се цеди и се става во тенџере со чиста вода да се вари на умерена температура. Штом водата ќе зоврие, истата се истура (гравот се цеди) и се додава нова вода.
  2. Во тенџерето се додаваат излупената главица кромид и сувите пиперки. Гравот се вари додека омекне, а по потреба се додава вода во тенџерето.
  3. Кон крајот, кромидот и пиперките се вадат во чинија и се пасираат.
  4. Во тава на оган се става 50 мл масло да се загрее. Во загреаното масло се додаваат кромидот, црвените пиперки, црвен пипер и запржува. Запржениот кромид се додава во тенџерето со гравот и се меша за да се соединат состојките. Гравот се зачинува со сол, црн пипер, буковска пипер и суво нане по вкус.
  5. Вака приготвениот грав се става во земјени тави. Ако има повеќе течност во тенџерето, истата се истура, а важно е да се добие густ грав. Тавите ги ставаме во загреана рерна на 250 степени. Гравот се печи околу 20 минути, додека се формира танка кора на површината. Готовото тавче гравче се служи додека е топло, но подеднакво е вкусно и ладно. На здравје!

Препорака од авторот:

Ти се допадна овој рецепт? Посети ги моите профили и пронајди ја твојата инспирација за подготовка на вкусно јадење или десерт. Може да ме следиш на:

Автор на рецепот и фотографиите: Марија Кочовска – @kocovska.marija.

Ви предлагаме да прочитате: Посна салата од грав.

Сподели: