солени бомбици со туна

Солени бомбици со компири и туна

Мали, вкусни солени бомбици со одличен изглед ни испрати Клара. Ако сакате да направите брзо мезе кое се вклопува со чаша пиво, ве чека куќна слава, роденден или именден, или сакате да каснете нешто вкусно не двоумете се и збогатете ја трпезата овие солени бомбици со компири и туна.  

Доколку сакате да направите посни бомбици, не ставајте јајца.

солени бомбици со компири

Состојки:

  • 2 компири
  • 1 морков
  • 2 јајца
  • 2 млади кромидчиња по желба
  • 1 чаша грашок од конзерва
  • мала киска магдонос
  • 1 конзерва туна
  • свежо цеден сок од 1/2 лимон
  • сол, зачини по желба (бибер, оригано, шафран, мајоран, копар).

Подготовка:

  1. Компирите излупете ги, измијте ги и исечкајте ги на коцки.
  2. Во тенџере на оган ставете вода и додајте ги исечканите компири. Посолете и оставете ги компирите да се варат. Начинот за брзо варење на компири прочитајте го тука.
  3. Морковот измијте го, излупете го или добро исчеткајте го. Исечете го на ленти и ставете го во тенџере на оган со вода да се вари.
  4. Јајцата, исто така ставете ги во тенџере на оган со вода да се варат. Штом водата во тенџерето зоврие, варете ги јајцата за време од 8 до 10 минути.
  5. Варените компири и морковите исечкајте ги на мали коцки или изрендајте ги. Варените јајца изрендајте ги.
  6. Младиот кромид и магдоносот ситно се сецкаат.
  7. Туната исцедете ја од маслото.
  8. Во длабок сад се ставаат варените компири, ренданите јајца, морковите, грашокот, туната, сечканиот млад кромид и магдоносот. Смесата се меша, посолува и зачинува по вкус.
  9. Од смесата се прават бомбици малку поголеми од орев и се наросуваат по желба – во буковец, сусам, мелено ленено семе или ситно рендан кашкавал. Готовите солени бомбици со компири послужете ги веднаш или чувајте ги во фрижидер до сервирањето.

Рецептот го испратил: Клара Бос

Сподели: