домати сушени на сонце

Сушени домати на сонце

Со оглед дека во овој период имаме домати во изобилство, може да приготвите и сушени домати на сонце. Претходно сме пишувале како може да направите сушени домати во рерна, но бидејќи времето е сончево, вреди да го искористиме.  

Ако имате услови, некое местенце на село, некоја викендичка или пак сончев двор, тогаш не чекајте. За почеток проверете ја временската прогноза. Ќе ви бидат потребни 3-4 сончеви денови по ред. Потоа, тргнете во набавка. Ќе ви требаат околу три килограми домати и неколку дрвени кутии за овошје кои може да ви ги подари некој продавач на овошје и зеленчук. За сушење изберете домати кои не се водлести, а можеме да ги препорачаме јајчестите кои уште се познати и како индустриски домати.

сушени домати на сонце

Друго што ви е потребно е  пластична мрежа, прицврстена на штички или пак дрвени даски, оние кои ги користиме в кујна. На нив ќе треба најпрво да ставите хартија за печење, па потоа доматите.

Состојки:

  • 3 кг домати
  • сол по потреба
  • маслиново масло, лук, босилек и црн пипер во зрно по желба.

Подготовка:

  1. Доматите исечете ги на парчиња со дебелина од 7-10 мм. Отстранете им ги семките и сокот. Наредете ги врз хартијата за печење во еден слој, посолете ги добро (штом се добро посолени, на нив не застанува ни мува ни оса) и ставете ги на сончево место. На крајот од денот внесете ги во затворен простор, а следното утро кутијата повторно ставете ја на сонце.
  2. Другиот ден превртете ги и оставете ги пак на сонце. Доматите би требало да се исушат за два до четири денови во зависност од тоа колку сончево е времето. Готовите домати треба да потемнат и да се собираат. Но, не треба да бидат премногу тврди.
  3. Сушените домати соберете ги во кеси и чувајте ги во фрижидер или замрзнувач. Покрај тоа може да ги складирате и во тегли.
  4. Теглите добро измијте ги и исушете ги. Ставете ги сушените домати и дополнете со масло. Во теглите додајте црн пипер во зрно, лук и босилек. Затворете ги и користите ги по потреба.
  5. Вака приготвените домати се одлични за во сендвичи, канапе, сосови за тестенини или да ги сервирате со сирење и потпечен леб.

Ви предлагме да прочитате: Сушени домати во рерна со маринада.

Сподели: